петок, јуни 5, 2026
Дома СВЕТ Поставен онлајн пребарувач: Милиони Германци проверуваат дали се потомци на нацисти

Поставен онлајн пребарувач: Милиони Германци проверуваат дали се потомци на нацисти

112
Фото: Википедија

Нов онлајн пребарувач кој им овозможува на корисниците да пребаруваат записи на Нацистичката партија за да видат дали нивните предци биле членови, доби милиони посети откако беше објавен на почетокот на месецов. Огромна база на податоци објави германскиот весник „Ди цајт“, во проектот спроведен во соработка со архивите во Германија и во САД.

Партијата на Адолф Хитлер беше основана по Првата светска војна, но не доби значителна популарност сè до економскиот колапс во Големата депресија. Нејзината поддршка се зголеми на изборите во 1930 година, а откако Хитлер дојде на власт три години подоцна, тој ги укина сите други партии и создаде масовно движење кое го контролираше секој аспект од животот во Германија. До крајот на 1930-тите, „огромното мнозинство Германци го поддржуваа Хитлер и нацистичката држава“, според Музејот на сеќавање на холокаустот на САД. „Ди Цајт“, наведува дека 10,2 милиони Германци се приклучиле на партијата помеѓу 1925 година и крајот на војната, а на нејзиниот врв таа имала околу осум милиони членови. Во последните денови од војната, нацистите се обиделе да уништат огромна колекција на членски карти, но тие биле зачувани во последен момент и подоцна предадени на Американците. Потоа, картите биле складирани во Берлинскиот центар за документи (BDC), а подоцна префрлени во Германскиот федерален архив, додека копии се чуваат и во Националниот архив на САД.

Портпаролката на „Ди цајт“ изјави за Си-ен-ен дека новата страница е прегледана милиони пати и споделена илјадници пати. Кристијан Стас, раководител на одделот за историја во „Ди цајт“, потврди дека интересот е огромен. Тој рече дека околу 75.000 луѓе се обраќаат до Германскиот федерален архив со вакви прашања секоја година, а кога Националниот архив на САД ги објави записите онлајн, интересот беше толку голем што страницата беше привремено исклучена. „Ди цајт“ доби пристап до податоците и разви едноставна опција за пребарување со помош на вештачка интелигенција.

– Овој интерес се чини релативно нов. Исто така, фактот што повеќето поранешни членови на нацистичката партија или луѓе поврзани со воени злосторства веќе не се живи, веројатно им го олеснил на многумина поставувањето прашања за сопствената семејна историја, забележа Стас.

Тој наведува дека истражувањата покажуваат дека многу малку Германци тврдат дека нивните предци го поддржувале нацистичкиот режим, додека многумина веруваат дека нивните семејства биле против Хитлер.

– Тоа, очигледно, не може да биде вистина. Можеби овој пребарувач помага пореално да се види минатото – додаде Стас.

Некои корисници ги споделија своите искуства по пребарувањето. Корисничка со прекар „Катха1927“ откри дека двајцата нејзини дедовци биле членови на партијата. „Се прашувам кој датум на пристапување е полош: 1931 година, толку рано, веќе убедени тогаш? Или 1941 година, иако веќе знаеја многу?“, истакна таа. Друга корисничка, со прекар „Дудетес“, напиша: „Повеќе од 40 години се прашував дали мојот прадедо бил член. Тој секогаш се лутеше кога ќе се споменеше војната. Сега имам одговор. Ви благодарам, Цајт, иако многу боли.“

Кристин Шмит, кодиректорка на Истражувачката библиотека за холокаустот „Винер“ во Лондон, изјави дека пребарувачот бил „голем придонес во истражувањето на нацистичкиот период“.

– На својот врв, Нацистичката партија имала околу 8 милиони членови, а луѓето ѝ се придружувале од различни причини – од економски очај, од привлечноста на национализмот и харизматичното лидерство, до сопствениот антисемитизам – објасни таа.

Додаде дека достапноста на архивски податоци претставува „значаен чекор напред во справувањето со тој период и со ужасите што произлегоа од него“.

– Во време на зголемување на дезинформациите за историјата на холокаустот, ова е исто така потсетник за моќта на оригиналните документи и за нивната доказна вредност против негирање или искривување на фактите – заклучи таа.

ИЗДВОЕНИ