Долги редици автомобили вечерва се забележуваат на бензинските пумпи низ земјава, откако беше најавено значително поскапување на горивата кое ќе стапи на сила по полноќ. Голем број возачи брзаат да наполнат гориво по старите цени.
Поради зголемената побарувачка, во текот на целиот ден се чекаше на пумпите, а вечерва гужвите дополнително се зголемија.

Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе одлука со која малопродажните цени на нафтените деривати се зголемуваат во просек за 14,27 проценти во однос на претходната одлука од 2 март 2026 година.
Според новата пресметка, која ќе важи од денеска по полноќ, цените на горивата значително се зголемуваат како резултат на растот на референтните цени на светските пазари. Бензините бележат раст од 13,384 проценти, додека цената на дизелот е зголемена за дури 36,134 проценти. Кај екстра лесното масло растот изнесува 32,102 проценти, а кај мазутот 27,870 проценти.
Со одлуката, малопродажните цени на бензините Еуросупер БС-95 и БС-98 се зголемуваат за 5 денари по литар, додека дизелот поскапува за 14,5 денари по литар.












