Поштар од Вишиќ, Чапљина во Бих, кој исчезнал со десетици пензии што требало да ги подели, прво отишол во Сараево, потоа одлетал во Турција, а неговата крајна дестинација треба да биде Тајланд.
Министерството за внатрешни работи на Херцеговачко-неретвскиот кантон (ХНК) потврди дека започнало потрага по него, објавува N1.
Поштарот С. Ј. заминал со пријатели за Мостар во саботата на 5 септември, и оттогаш е исчезнат. Последен пат разговарал со мајка си во недела околу 20:50 часот преку WhatsApp и повеќе не се јавувал. Порталот Hercegovina.info објави дека поштарот прво преноќил во хотел во Мостар, потоа отишол во Сараево, а потоа одлетал за Турција. Според билетот што го купил, крајната дестинација е Бангкок, пренесува N1.
Точната сума на пензии што ги понел со себе сè уште не е објавена. Од Хрватските пошти Мостар потврдуваат дека се запознаени со случајот и дека започнале внатрешни проверки, но засега не сакаат да дадат детали.
Тие конкретно се осврнаа на прашањето за исплатата на пензиите, откако медиумите претходно објавија дека некои корисници во областа Чапљина не ги добиле парите што требало да им бидат доставени.
Хрватските пошти Мостар уверуваат дека корисниците не треба да се плашат за своите пензии поради овој случај.
„Хрватските пошти Мостар преземаат сите потребни активности за да ги заштитат интересите на своите корисници и да обезбедат непрекинат континуитет на поштенските услуги. Сакаме да нагласиме дека нема причина корисниците да се грижат: како и досега, сите пензионери кои ги примаат своите пензии преку Хрватските пошти Мостар ќе ги добиваат своите пензии редовно“, велат тие.












