вторник, јули 7, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Поротниците во Кривичниот суд стапија во мирен протест поради ниските дневници

Поротниците во Кривичниот суд стапија во мирен протест поради ниските дневници

Дел од судењата се презакажани

0

Судењата во Основниот кривичен суд Скопје вчера се одвива со застој, откако судиите-поротници започнаа мирен протест поради, како што велат, долгогодишно нерешениот проблем со висината на нивните дневни надоместоци.

Поротниците нема да учествуваат на дел од судските расправи, а за својата одлука официјално го известиле раководството на Кривичниот суд.

Во известувањето наведуваат дека нивните дневни надоместоци со години останале непроменети и не ја одразуваат одговорноста, сложеноста на предметите и времето што го поминуваат во судниците. Според важечкиот систем, дневниците изнесуваат над 570 денари за судии-поротници во основните судови во Скопје и околу 670 денари во Апелациониот суд и околу 300 денари во окружните судови, суми за кои тие сметаат дека не ги покриваат ниту основните трошоци поврзани со нивниот ангажман.

Поротниците посочуваат дека во изминатите две години во повеќе наврати доставувале барања до Министерството за правда и Судскиот совет за измена на правилникот и зголемување на надоместоците, но досега, велат, не добиле конкретен одговор ниту решение.

Кривичниот суд во соопштението отворено застана зад барањата на поротниците, оценувајќи дека нивната улога е од суштинско значење за законското спроведување на голем број судски постапки и дека без нивното присуство значителен дел од судењата не можат непречено да продолжат.

„Судиите-поротници заслужуваат достоинствен и соодветен надоместок кој ќе ја одразува важноста на функцијата што ја извршуваат“, наведуваат од Кривичниот суд.

Оттаму очекуваат Министерството за правда во најкус можен рок да пристапи кон измена на Правилникот за надоместоците на судиите-поротници, оценувајќи дека проблемот треба да се реши преку институционален дијалог, во интерес не само на поротниците и судовите, туку и на граѓаните кои очекуваат ефикасно и непречено функционирање на правосудниот систем.(П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ