Пораст на нови опиоиди и синтетички дроги во Европа, најмногу од Индија – предупредува Европската агенција за дроги

39

Европската агенција за дроги (EMCDDA) соопшти дека масовниот увоз на нови синтетички дроги, вклучувајќи претходно непознати супстанции и силни опиоиди, претставува растечка закана за Европа.

Според податоците на EMCDAA, вкупно 37 метрички тони синтетички катинони – психоактивни супстанции хемиски слични на компонента од растението khat, кое традиционално се користи во Источна Африка, биле запленети во 2023 година, објави Ројтерс.

Поголемиот дел од запленувањата се од увоз од Индија.

Седум нови катинони, или соединенија пронајдени во растението khat, биле идентификувани во текот на годината, што укажува на проширување на оваа група дроги на европскиот пазар.

Извештајот ги истакнува растечките загрижености за појавата на нови синтетички опиоиди, првенствено од групата нитазени, кои се оценуваат како „сериозен ризик од труење“.

Овие супстанции можат да бидат многу пати посилни од хероинот, па дури и од фентанилот, а властите во Соединетите Американски Држави и Обединетото Кралство ги поврзаа со зголемување на смртните случаи од предозирање.

Анализата на EMCDDA вклучуваше податоци од сите 27 земји-членки на ЕУ, како и од Норвешка и Турција.

Извештајот повикува на зајакнување на системите за рано предупредување, подобрување на координацијата меѓу секторите и подобра подготвеност за одговор на предизвиците поврзани со дрогата и јавното здравје.

Канабисот останува најчесто консумирана нелегална дрога во Европа.

Производите со висок потенцијал дополнително ги комплицираат проценките на ризикот, а просечната содржина на тетрахидроканабинол (THC) во смолата од канабис се дуплираше во изминатата деценија.

Во 2024 година, беа идентификувани 18 нови варијанти на полусинтетички канабиноиди, вклучувајќи го и хексахидроканабинолот (HHC), кој сè уште може легално да се продава во неколку земји, бидејќи законодавството честопати не ги забранува експлицитно овие молекули.

Употребата на кокаин е исто така во пораст.

Рекордни заплени беа регистрирани во 2023 година – вкупно 419 тони, а пристаништата во Белгија, Шпанија и Холандија остануваат клучни точки на влез, се вели во извештајот.

ИЗДВОЕНИ