Скапите енергенти повторно го притискаат Буџетот. За да го ублажи растот на цените на горивата и ударот врз стандардот на граѓаните и стопанството, Владата интервенира со намалување на акцизите и ДДВ, но со тоа се намалуваат и приходите во државната каса. Според најновите процени, до крајот на годинава буџетските приходи од овие ставки би можеле да бидат пониски за 6 до 7 милијарди денари, односно околу 97 до 113 милиони евра.
Поради очекуваниот кусок, премиерот Христијан Мицкоски најави дека е можно до крајот на годината да има уште еден ребаланс на Буџетот.
– Очекуваме до крајот на годината да бидеме пократки 6-7 милијарди денари во однос на тоа што сме го планирале и затоа е можно да се случи да имаме уште еден ребаланс до крајот на годината, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека станува збор за годишни процени и дека приоритет на Владата останува да го заштити стандардот на граѓаните, да ја контролира инфлацијата и да се задржат ниски цени на горивата.
Претходно и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, порача дека до крајот на годината не очекува значајни промени во проекциите за растот и буџетскиот дефицит. Таа рече дека и доколку има нов ребаланс, ќе се работи на кратење и на приходната и на расходната страна.
Во меѓувреме, неизвесноста на светските енергетски пазари продолжува. Растот на цените на нафтата и дизелот, нарушувањата во снабдувањето и геополитичките тензии создаваат дополнителен ризик за европските економии.
Академикот Таки Фити предупредува дека нов нафтен шок може да доведе до стагфлација – комбинација од забавен економски раст и повисока инфлација.
– Растот на цените на енергентите и можните нови нафтени шокови претставуваат ризик за појава на стагфлација, односно комбинација од забавен економски раст, повисока инфлација и зголемена невработеност. Македонија, како увозно зависна земја која не произведува нафта, е особено ранлива на такви надворешни притисоци, посочи Фити.
И Меѓународната агенција за енергетика не ја исклучува можноста за дополнително користење на стратешките резерви на нафта доколку се влошат условите на пазарот. Европа влегува во зимата со зголемени ризици на пазарот на дизел, особено поради зависноста од увоз.
Евентуалните ограничувања на извозот на дизел од САД би можеле дополнително да го затегнат европскиот пазар и да ги зголемат цените. Тоа би бил нов удар и за земјите кои, како Македонија, зависат од увоз на енергенти.
Така, цената на горивата останува не само економско и социјално, туку и сериозно фискално прашање. Колку подолго државата интервенира за да ги задржи цените ниски, толку поголем е притисокот врз буџетските приходи.
(А. С.)












