понеделник, октомври 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Попуст наместо фискална – и купувачите задоволни и трговеците сити

Попуст наместо фискална – и купувачите задоволни и трговеците сити

Истражувањето на УНДП покажува дека две третини од граѓаните би прифатиле да не добијат фискална сметка доколку добијат попуст за возврат. Економистите предупредуваат дека сивата економија ги намалува буџетските приходи, ја нарушува конкуренцијата и бара посилни контроли, но и поголема свесност кај граѓаните за последиците од неиздавањето фискални сметки

2

Две третини од граѓаните би прифатиле да не добијат фискална сметка доколку платат пониска цена за возврат. Овој поразителен податок од истражување на УНДП открива една од причините поради кои сивата економија и натаму останува сериозен проблем во земјава. За купувачот, попустот без фискална сметка, можеби, изгледа како добра зделка, а за трговецот како можност за поголема заработка, но на долг рок ваквата практика значи помалку пари во буџетот, нелојална конкуренција и помалку средства за јавните услуги.

Колку е распространет проблемот, покажуваат и податоците на Управата за јавни приходи (УЈП). Во периодот од 25 август до 25 септември 2026 година, биле спроведени 479 теренски контроли за проверка на фискализацијата. Кај 198 објекти биле утврдени неправилности, додека кај 281 не биле констатирани прекршувања. Најголем број контроли биле извршени во угостителските објекти – 167, трговските објекти – 162 и во услужните дејности – 150. За утврдените неправилности биле изречени 198 санкции, а кај 14 субјекти била изречена привремена забрана за вршење дејност, односно запечатување на објектите.

Во тој период, УЈП добила 81 пријава од граѓани за неправилности, од кои 29 биле доставени по електронска пошта, а 52 преку телефонската линија 198.

Универзитетскиот професор Борче Треновски, повикувајќи се на истражувањето на УНДП, посочи дека две третини од испитаниците би се согласиле да не земат фискална сметка доколку добијат попуст. Дополнително, половина од испитаниците не знаеле да направат разлика меѓу фискална сметка и обично парагонче.

– Две третини од граѓаните, и ова е многу поразителен податок, кажале дека ако им се намали сметката, ќе се согласат да не земат фискална сметка – истакна Треновски.

Според него, борбата против сивата економија не може да се сведе само на инспекциски контроли и мерки како „Мој ДДВ“. Потребни се едукација на граѓаните, поголема доверба во институциите и докази дека се враќаат даночните приходи во форма на поквалитетни јавни услуги.

Универзитетскиот професор Јован Пејковски смета дека државата треба да создаде систем во кој работењето во сивата економија ќе биде неисплатливо, преку поефикасни инспекциски контроли, даночен надзор, санкции и едукација.

– За да се намали сивата економија, потребна е поголема контрола од инспекциските органи во однос на тоа дали се пријавени вработените, како се врши плаќањето, дали се издава фискална сметка и дали се регистрирани сите трансакции – изјави Пејковски за ВЕЧЕР.

Според него, легалното работење е обврска, но и предуслов за поправедна економија. Сивата економија ги намалува буџетските приходи, ја нарушува конкуренцијата и ја поткопува довербата во институциите. Процените за нејзиниот обем во земјава се движат од 30 до 33 проценти од бруто домашниот производ, иако точната големина тешко може да се измери.

Законот за регистрирање на готовинското плаќање предвидува дека правните и физичките лица што вршат промет на добра и услуги имаат обврска да користат фискален систем и да издаваат фискални сметки при готовинско плаќање. За неиздавање сметка се предвидени парични глоби, а во законски утврдени случаи и привремена забрана за вршење дејност. Граѓаните можат да пријават неправилности на телефонскиот број 198 или преку електронските канали на УЈП.

Попустот без фискална сметка, можеби, носи моментална заштеда за купувачот и краткорочна корист за трговецот, но последиците ги чувствува целото општество. Помалку пријавен промет значи помалку даноци, помалку средства за здравството, образованието и за инфраструктурата, како и послаба заштита на работниците, особено на оние што добиваат плата во плик, без целосно пријавени приходи и уплатени социјални придонеси. Затоа намалувањето на сивата економија бара и поефикасни контроли и промена на навиките на граѓаните и на трговците. Фискалната сметка не е само парче хартија туку и доказ за регистрирана трансакција и дел од системот преку кој се финансираат јавните потреби.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ