понеделник, октомври 19, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Македонија има најевтина храна во регионот

Македонија има најевтина храна во регионот

0

Цените на храната и на безалкохолните пијалаци во Македонија се за 25 проценти пониски од просекот во 36 европски земји, изјави премиерот Христијан Мицкоски, повикувајќи се на податоците на „Евростат“. Според него, земјава е меѓу државите со најниски цени во регионот.

Премиерот оцени дека овие податоци ги демантираат критиките за ценовните движења.

– „Евростат“ објави податоци според кои имаме најниски цени на храната и на пијалаците, убедливо најниски во регионот, со што паѓаат тврдењата на оние што ширеа лаги и дезинформации. Тука, пред сè, мислам на поединечни синдикалци, кои се опозициски коалициски партнери – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека не се решени сите проблеми, но оти голем дел се надминати или се во процес на решавање. Во однос на инфлацијата, оцени дека владините политики придонеле за нејзино стабилизирање и дека во третиот квартал земјава имала најниска стапка во регионот, а, можеби, и во Европа.

– Порано нè убедуваа дека инфлацијата била увезена, кога имавме двојно повисока стапка од просечната во ЕУ. Денес, кога имаме инфлација за 25 до 30 отсто пониска од онаа во ЕУ, тие молчат и повторно се обидуваат со лаги и конструкции да нанесат политичка штета – рече Мицкоски.

 

ИЗДВОЕНИ