Борбеноста, решителноста и имањето иницијатива се клучни фактори за постигнување напредок и позитивни резултати во животот. Малодушноста, недостигот на волја и ниското ниво на самодоверба се главните причини за стагнација и неуспех. Како им пристапуваме на искушенијата, борбите и тешкотиите, таква ќе ни биде перспективата и состојбата во која се наоѓаме.
На ударите на судбината треба да одговориме со секојдневен труд, работа што секого ќе го направи активно, борбено и вредно суштество. Оставањето проблемите да се таложат и постојаното исчекување некој друг да нè извлече од кризата ќе ни создадат уште поголеми тешкотии и страдања во животот.
Има една кинеска изрека што вели дека ако му дадеш на човека риба, ќе го нахраниш за еден ден, но ако го научиш да фаќа риба, ќе го нахраниш за цел живот. Да се биде успешен во ловот на вредните нешта во животот значи да се работи понапорно и подолго од другите и да се завладее со сопствената личност и судбината.
Секој од нас е предодреден да расте, да се менува, да стекнува нови искуства и да напредува како личност.
Тешкотиите со кои се соочуваме не се конечни и еднаш засекогаш дадени. Со трпеливост, работа на себе, осознавање на вредностите и со борбен дух, најтешките животни ситуации може да бидат надминати.
Сѐ во природата е подложно на движење, менување и трансформирање. Такво е и живеењето на луѓето – возбудливо, стабилно и полно со радост, мир и инспирација, но многупати немирно, подложно на негативни промени, тешкотии и неизвесност. Промената е вечна сила што никогаш не умира. Според античкиот филозоф Хераклит: „Сѐ се менува и сѐ се појавува ново и одново, како што е ново сонцето секој ден“. Асоцијацијата е дека сѐ е подложно на минливоста, секој предмет, секое суштество и секој настан си имаат свој почеток и свој крај. Спротивставените сили ја определуваат промената, а борбата е обележје на сѐ што постои.
Се бориме за нашето здравје, за успех во работата и за постигнување мир со себе; се бориме против разни загадувања на духот и на телото; бараме начин да ги избегнеме алчните, неморални и себични поединци; водиме внатрешна борба со изневерените очекувања и натрупаните разочарувања; под удар сме на надворешните притисоци за подреденост, послушност, подобност итн. Постои борба за чист воздух, за добро платено работно место, за чесен и искрен однос со партнерот, за напредок на семејството, за некористољубиви пријателства, за излез од кризата и уште многу други борби, кои го прават нашиот живот напнат, неизвесен и проблематичен, но и интересен, возбудлив и благопријатен.
Колку и да се обидуваме да ги избегнуваме, проблемите и тешкотиите ќе продолжат да бидат дел од нашето живеење. За да успееме да го неутрализираме нивното влијание, неопходно е да го јакнеме нашиот дух, да ја облагородуваме нашата душа и да научиме да се справуваме со нештата што не можеме да ги промениме. Затоа не треба да се бориме со лошите одлуки од минатото и да стравуваме од перспективите на иднината, туку да се фокусираме на мигот на сегашноста, бидејќи најголемата борба не е зад нас и далеку пред нас – таа се наоѓа длабоко во нас. Кога ќе ја победиме сопствената малодушност, ќе најдеме решение за емоционалната ранливост и ќе се ослободиме од чувството на вина за случките од минатото, тогаш ќе почнеме да се движиме по патот на успехот, мирот и хармонијата.
Според законот на природата, „некој се движи кон врвот, некој кон дното, тој што се искачил на врвот, треба да биде подготвен за симнување, а тој што е на дното, треба да почне да се искачува кон врвот“. Постојаната пасивност и непреземањето ништо за да се реализираат вредностите е најголем противник на напредувањето. Одржувањето статус кво (првобитна) ситуација неретко претставува движење кон дното, зашто се губат потенцијалите, биолошкиот часовник отчукува, нештата се менуваат длабоко во структурата на човекот, но и надвор од човекот. Затоа е подобро да се направи првиот чекор отколку вечно да се сонува и да се чека вистинскиот момент за активирање на виталната енергија. Времето изминува, а нештата остануваат непроменливи за поединецот што не дејствува. Има големо знаење да разбереме дека корисно „потрошеното“ време е лек за душата, визија за умот и среќа за животот.
Никој не може да оди против времето – тоа е најнепристрасниот судија на нашето живеење. Како што вели Висарион Белински, „најголем, најгенијален и непогрешлив критичар е времето“.
Најголемата тајна за постигнување среќа во животот е да се фокусираме на сегашниот миг, заблагодарувајќи му се на Бога што постоиме и што можеме да избираме.
Ништо не е повредно од мигот на сегашноста и определбата низ борба, силен дух и решителност да создаваме позитивни промени во нашето живеење. Клучот е да уживаме во мигот, користејќи ја секоја можност за духовно осознавање и за реализирање на сопствените вредности. Среќните и хармонични мигови никогаш не се поврзани со размислувањето за негативните состојби од минатото и со копнежливите мисли насочени кон иднината, туку со мигот на позитивната енергија проникнат од духот на сегашноста.
Хрватскиот филозоф Павао Вук-Павловиќ укажал: „Стремејќи се кон иднината, човекот трајно мора да се стреми кон вредната сегашност, постојано мора да мисли да не му избега сегашниот миг неоплоден со вредност, борбеност и духовност“.
Да се живее млитаво, пасивно и апатично претставува пораз за духот и показател за ниските вибрации на постоењето. Да се биде силен, енергичен и борбен подразбира храброст, волја и способност да се издржат најтешките удари на судбината. Вредноста е во карактерот и стремежот да се биде насочен кон повисоките вибрации на постоењето водени од моралот, доблеста и од позитивната енергија.
Како што се кали железото на најсилен оган така и човековиот дух се преиспитува во најголемите борби и тешкотии.
Многумина потклекнале пред притисокот и се определиле да ги повредуваат другите луѓе и да го уништуваат напредокот на семејството или на општеството. Подреденоста на нечестивата енергија е знак дека човекот ја изобличил душата, го загубил духот и целосно се ставил под власт на егото и ниските вибрации на телото. Лошо е кога таквите поединци извршуваат видни општествени функции и го креираат патот за „напредок“ на заедницата. Кога алчноста, лагата, егоизмот, ниските страсти и духовната неосвестеност ќе извојуваат победа врз моралот, вистината, чесноста, хуманоста и духовноста, тогаш ништо добро не може да очекуваме од државата во која живееме или од таквиот тип луѓе со кои се среќаваме.
Излезот е да се бориме за зачувување на праведноста, вредноста и позитивноста, но ако согледаме дека некои нешта се пресилни за да ги промениме, неопходно е да се повлечеме во себе и активно да работиме на воспоставувањето мир, хармонија и смисла на нашето постоење.
„Ако не можам да влијаам на нештата надвор од мене, должен сум да го пронајдам патот што води кон мир со самиот себе“. Оваа мисла треба да биде наша идеја водилка што ќе ни помогне да се справиме со личните стравови, борби и неизвесност. Секогаш треба да размислуваме далекосежно, но да дејствуваме непосредно. Тоа подразбира да го ставиме фокусот врз сопствениот мир, достоинството на личноста, чистиот образ и подигнувањето на свеста. Кога ќе успееме духовно да се осознаеме и да се направиме среќни, ќе можеме позитивно да ги мотивираме другите да тргнат по патот што води кон мирот, убавината и хармонијата на постоењето.












