Полска ќе бара одговори за тоа како поранешниот министер за правда Збигњев Зиобро, баран за злоупотреба на службената должност, успеал да отпатува од Унгарија во САД, изјави денес портпаролот на полското Министерство за надворешни работи.
Зиобро и неговиот заменик Марцин Романовски добија азил во Унгарија од тогашниот премиер Виктор Орбан, но Варшава се надеваше дека поразот на поранешниот премиер од проевропскиот ривал Петер Маѓар на априлските избори ќе значи дека наскоро ќе бидат вратени во Полска откако обидите за доведување на Зиобро пред властите не успеаја, пренесе Ројтерс.
„Ќе побараме и од САД и од Унгарија правна и фактичка основа врз која Збигњев Зиобро ја напуштил унгарската територија“, изјави портпаролот на полското Министерство за надворешни работи.
Поранешниот полски министер за правда Збигњев Зиобро, кој е баран во Полска, ја напуштил Унгарија и бил фотографиран на американски аеродром, објавија претходно унгарските медиуми, повикувајќи се на извештаи од полските медиуми.
Поранешната унгарска влада му додели политички азил на Зиобро, но Петер Маѓар, кој беше инаугуриран за унгарски премиер во саботата, претходно вети дека ќе покрене постапка за екстрадиција против Зиобро на неговиот прв ден на функцијата, објави унгарската новинска агенција МТИ.
Зиобро е осомничен, меѓу другото, за водење на организиран криминален круг и нелегално користење на шпионската програма „Пегаз“, пренесува Танјуг.












