
Холандскиот луксузен крузер „МВ Хондиус“, кој веќе една недела ги полни светските медиуми поради патници заразени со хантавирус, е произведен во Хрватска. „Бродосплит“ од Сплит ја договорил неговата изградба во 2016 година и го испорачал во 2019 година на холандската компанија „Оушнвајд експедишнс“, од каде нагласуваат дека е „најфлексибилниот, најнапреден и најиновативен туристички брод во поларните региони“. „Хондиус“ осто така е првиот регистриран поларен брод од класа 6 во светот, кој ги исполнува најновите и највисоки стандарди на регистарот на „Лојдс“ за крузери зајакнати за мраз, кој дури ги надминал и барањата на Поларниот кодекс усвоен од Меѓународната поморска организација (IMO), пишува Вечерњи.хр.
-„Хондиус“ е најфлексибилен, најнапреден и најиновативен туристички брод во поларните региони, темелно оптимизиран за истражувачки патувања кои ви овозможуваат максимален контакт од прва рака со Арктикот и Антарктикот“, забележуваат од компанијата „Оушнвајд експедишнс“.
Бродот може да смести 170 патници во 80 кабини. Има околу шеесет членови на екипажот. Долг е 107,6 метри и широк 17,6 метри. Се напојува со два главни мотори со вкупна моќност од 4200 киловати, а максималната брзина му е 15 јазли.
„Бројните содржини и забава на бродот не само што ќе го направат вашето патување навистина незаборавно, туку овој брод ви го дава и спокојството што доаѓа со изборот на еден од најеколошките бродови на поларните мориња. Хондиус користи ЛЕД осветлување, греење со пареа, биоразградливи бои и мазива и најсовремени системи за управување со енергија што ја сведуваат потрошувачката на гориво и нивоата на јаглерод диоксид на минимум. Ова значи дека кога пловите на Хондиус, можете да уживате во егзотичните пејзажи и дивиот свет колку што е можно повеќе, а во исто време да влијаете на нив што е можно помалку“, се наведува на веб-страницата на компанијата.











