Во Македонија може да се развие бензин-туризам. Поради пониските цени на горивото во споредба со Грција, Србија, Бугарија, Косово и со Албанија, многу граѓани од овие држави доаѓаат во Македонија да наполнат бензин. Покрај тоа, тие често користат и други услуги: посетуваат ресторани, одат на шопинг и понекогаш преспиваат во хотели. На тој начин се зголемува потрошувачката и државата, како и локалната економија, има дополнителна корист. Затоа, ако се искористи оваа предност, бензин-туризмот може да придонесе за развој на туризмот, трговијата и на угостителството во Македонија.
Наглиот пораст на цените на горивата во Европа, поттикнат од ескалацијата на кризата на Блискиот Исток, доведе до необичен феномен на границите: сè повеќе граѓани од соседните земји доаѓаат да ги наполнат резервоарите со поевтин бензин.
– Граѓаните што доаѓаат од соседните земји, освен што полнат бензин, ручаат и купуваат нешто од продавниците што им е поевтино. Ова се потрошувачи што најчесто се забележуваат во пограничните региони, односно во Гевгелија, Битола, каде што најчесто доаѓаат Грци, потоа во пограничниот регион со Косово, каде што доаѓаат граѓани од Србија и од Косово, во Делчево – од Бугарија…Кај нас е многу развиен и казино-туризмот, најмногу на косовско-македонската и на грчко-македонската граница, во Гевгелија и во Дојран, од кој се остваруваат 3,3 милиони евра годишен промет – изјави за весникот ВЕЧЕР Аркан Керим, претседател на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопански комори.
Тој додава дека, соседите ова го прават со години наназад, бидејќи Македонија подолго време има најниска цена на горивата во регионот. Постои податок дека од 3.000 до 5.000 Грци играат во казината во Гевгелија во текот на еден викенд. Тие полнат гориво, ги посетуваат стоматолошките ординации, се хранат во рестораните, купуваат во нашите продавници, односно трошат финансиски средства во нашата економија.
– Доколку се качат цените на авионските билети, тоа ќе биде многу голем удар за дојдовниот туризам и во Македонија. Подобро поскоро да заврши војната и да се намалат цените на летовите и на туристичките аранжмани. И туризмот ќе претрпи големи загуби ако се качи нафтата на 200 долари за барел, бидејќи тамам закрепна од пандемијата. Туризмот во земјите од Азија и на Блискиот Исток дневно губи по 600 милиони долари. Луѓето се плашат да патуваат по други маршрути – вели Керим.
Инаку, за фактот дека имаме убедливо најниска цена на бензинот неодамна потврди и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека поради тоа, во пограничните општини, односно на бензинските пумпи, се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел-гориво и затоа побрзо се троши на некои бензински пумпи.
– Кај нас, и по нивелирањето на цената од страна на Регулаторната комисија за енергетика, дизел-горивото литар е 1,39 евроценти и е најевтино во регионот. Да речеме, во соседна Албанија е 1,79, евроценти за литар, односно е поскапо 30 отсто и е логично да имаме притисок во западниот дел од државата. Исто така, во Србија е, да речеме, 1,73 евроценти, што е некаде околу 25 отсто поскапо од она што е во Македонија. Во Косово варира цената, но достигнува до 1,52-1,53 евроценти, што е некаде околу 15 отсто. Во Грција – 1,59 евроценти, односно во Косово е приближно околу 10 отсто, во Грција 15 отсто, во Бугарија 1,41 евроцент. Освен најниска цена на дизел- горивото, имаме и најниска цена на бензинот 95 октани и 98 октани – изјави Мицкоски.
Поради различната цена на нафтата и на горивата во европските држави, се разви бензин-туризамот – луѓето патуваат во соседнита земји за да купат поевтино гориво. Разликите во цените предизвикаа тензии меѓу Германија и нејзините соседи, бидејќи германските возачи што живеат во близина на границата полнат гориво во Полска и во Чешка. Некои полски политичари се жалат дека овој бензин-туризам ги зголемува цените, создава долги редици, а во некои области и недостиг на гориво.
Во исто време, холандските возачи што патуваат во Белгија и во Германија за да ги искористат пониските даноци се предупредени дека ризикуваат да ги претворат своите автомобили во „подвижни бомби“ ако носат повеќе од максимално дозволените 240 литри гориво во канистери.
Инаку, цените на нафтата повторно се качија поради зголемените стравувања за снабдување откако САД го нападнаа виталниот нафтен центар на Иран, островот Харг, а Доналд Трамп побара од сојузниците да помогнат во повторното отворање на Ормутскиот Теснец.
(А. С.)












