Полјаците се подготвуваат за руска инвазија

140
EPA-EFE/TOMASZ GZELL POLAND OUT

Нa воениот полигон близу Вроцлав, обичните Полјаци стојат во ред и чекаат да добијат оружје и да научат како да пукаат. „Кога куршумот е вметнат, оружјето е подготвено да пука“, извикува инструкторот, полски војник, со лицето покриено со маскирна боја.

Млади и стари, мажи и жени, родители и деца – сите дојдоа од истата причина: да научат како да преживеат вооружен напад. Програмата, наречена „Вежба со армијата“, која се одржува во сабота наутро, освен гаѓање на стрелиште, вклучува и борбена обука од рака на рака, прва помош и инструкции како да се стави гас-маска.

„Времињата во кои живееме се опасни и мора да бидеме подготвени“, рече капетанот Адам Сиелицки, координатор на програмата. „Имаме воена закана од Русија и се подготвуваме за тоа.

Капетанот Сиелицки вели дека интересот за програмата е огромен и владата планира да ја прошири обуката, така што секој возрасен маж во земјата ќе помине низ обуката. Полска, која граничи и со Русија и со Украина, планира да потроши речиси 5 отсто од БДП за одбрана оваа година, што е највисоко меѓу членките на НАТО.

Минатата недела полскиот премиер Доналд Туск изјави дека Полска сака да изгради „најсилна армија во регионот“. Варшава веќе подолго време интензивно купува воени авиони, бродови, артилериски системи и ракети од САД, Шведска и Јужна Кореја.

Еден од учесниците на саботната програма во Вроцлав, Дариуш, вели дека „ќе биде првиот што ќе се пријави“ во случај на напад врз Полска. „Историјата нè научи дека мора да се потпреме на себе. Не можеме да им веруваме на другите. Денес сојузите постојат, утре тие се прекинати. Додека ја симнува гас-маската, Бартек вели дека верува дека повеќето Полјаци „ќе земат оружје“ доколку бидат нападнати „и ќе бидат подготвени да ја одбранат земјата“.

Агата дојде со пријател. Таа вели дека изборот на Доналд Трамп уште повеќе ја загрижил. „Тој сака да ја повлече Америка од Европа. Тоа не прави да се чувствуваме уште понесигурни. Ако не сме подготвени и Русија не нападне, едноставно ќе станеме нивни затвореници.

Изјавите на Доналд Трамп и членовите на неговата администрација предизвикаа голема загриженост кај полските власти. За време на посетата на Варшава во февруари, американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет рече дека Европа не треба да го зема здраво за готово присуството на американските војници бидејќи „тоа нема да трае вечно“.

Во моментов, САД имаат околу 10.000 војници стационирани во Полска, но минатиот месец Вашингтон објави дека се повлекува од клучната воена база во источниот град Жешов. Официјалните лица тврдат дека војниците ќе останат во Полска, но оваа одлука дополнително ја зголеми неизвесноста. Фаворизирањето на Трамп кон рускиот претседател Владимир Путин и неговиот остар тон кон украинскиот претседател Володимир Зеленски само дополнително ја зголемија загриженоста.

ИЗДВОЕНИ