понеделник, ноември 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Полицајка ѝ одзела накит и 3.000 денари од чантата, нејзин колега ја...

Полицајка ѝ одзела накит и 3.000 денари од чантата, нејзин колега ја вознемирувал сексуално во Прифатниот центар за странци

40

Двајца полициски службеници од Прифатниот центар за странци се соочуваат со кривични пријави по два одделни инцидента во кои жртва е жена привремено задржана во центарот. Едната полицајка е осомничена за кражба на златен и сребрен прстен и 3.000 денари, додека раководител на смена е пријавен за полово вознемирување.

Според информациите од МВР, кражбата се случила на 28 септември, кога полицајката Б.Д., при преглед на чантата на мајката на задржаната жена, наводно ги одзела накитот и парите.

Два дена подоцна, на 30 септември, раководителот на смена Б.М. влегол во просторијата во која била сместена жената и, според пријавата, со вербално и физичко однесување и преку електронски средства за комуникација преземал дејствија со сексуални конотации.

Од МВР посочуваат дека со ваквото однесување биле повредени достоинството и личниот интегритет на жената, која се наоѓала во состојба на подреденост и кај која биле предизвикани страв, понижување и непријатност.

Одделот за внатрешна контрола поднел кривични пријави до ОЈО ГОКК против двајцата полициски службеници. Против нив ќе се води и дисциплинска постапка, а МВР ќе предложи нивно отстранување од работните места до завршување на постапките.

ИЗДВОЕНИ