Во услови на раст на референтните цени на светските берзи и промени на девизниот курс, Регулаторната комисија за енергетика ги утврди највисоките малопродажни цени на нафтените деривати и на горивата, со што, во просек, се зголемија за 1,47 %. Според одлуката, највисоката цена на еуросупер-95 изнесува 85,50 денари за литар, на еуросупер БС-98 – 87,50 денари за литар, на еуродизел БС (Д-Е V) – 82,50 денари за литар, на екстра лесното масло за домаќинство – 81,50 денари за литар, додека мазутот М-1 НС изнесува 41,230 денари за килограм. Во одлуката се наведува дека трговците на големо и на мало можат да формираат и пониски цени од максимално утврдените, при што цените, освен мазутот, важат франко пумпна станица, додека мазутот се пресметува франко склад на трговец на големо. Во пресметките е вклучен и ДДВ, согласно со законските прописи.
Како причини за корекцијата се наведуваат зголемените референтни цени на светскиот пазар, каде што бензините бележат просечно зголемување од 2,576 % или 23,250 долари од тон, дизелот од 5,201 % или 46,250 долари од тон, а екстра лесното масло од 4,681 % или 41,050 долари од тон, додека кај мазутот има намалување од околу 0,967 % или 4,500 долари од тон. Дополнително се нотира и минимално зајакнување на денарот во однос на американскиот долар, кој, во просек, изнесува 54,1290 денари за долар, но тоа не го неутрализира глобалниот ценовен притисок, поради што малопродажните цени се зголемуваат, во просек, за 1,47 %. Бензините еуросупер БС-95 и БС-98 се зголемија за 1,00 денар за литар, дизелот за 2,50 денари, а екстра лесното масло за 2,00 денари, додека мазутот се намали за 0,265 денари за килограм.
Со одлуката на РКЕ се потврдија најавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој во неделата изјави дека поскапувањето е последица на растот на цената на нафтата на светските берзи од 5 до 6 проценти во изминатата недела. Тој додаде дека и покрај корекциите, земјава останува меѓу државите со пониски цени на горивата во регионот.

Иако суровата нафта на глобално ниво бележи одредено намалување, според податоците на Меѓународната транспортна унија, компаниите во Европа што вршат превоз сè уште не чувствуваат олеснување, бидејќи просечната цена на дизелот во Европската Унија достигна 1,766 евра за литар, што е над 8 % над референтното ниво. Како причини се наведуваат укинатите државни мерки во некои земји, високите рафинериски и даночни трошоци, како и бавното прелевање на поевтинувањето на суровата нафта на малопродажните цени.
– Во Германија и во Шпанија завршија државните мерки за намалување на даноците и на субвенциите за гориво. Рафинериските трошоци, резервите и даноците сè уште ја одржуваат високата цена на дизелот. Намалувањето на цената на суровата нафта не се пренесува веднаш на бензинските станици. За цената на дизелот, има големи разлики низ Европа. Најскап дизел има во Холандија, Данска и во Финска, додека најевтин е на Малта, Чешка и во Шпанија. Разликата меѓу најевтината и најскапата земја достигнува речиси 0,90 евра од литар, па планирањето каде да се точи гориво останува клучно за меѓународните превозници – велат од „Камионџии Балкан“.
Дополнителен притисок создава и растот на цените на природниот гас, што влијае врз цената на AdBlue (течност што се користи кај дизел-возилата за намалување на штетните емисии на издувни гасови и ги зголемува оперативните трошоци во транспортот), при што во Европа се забележуваат и големи разлики меѓу државите.
Од опозицискиот СДСМ реагираат дека Владата не презема конкретни мерки за заштита на граѓаните од новиот ценовен притисок, наведувајќи дека поскапувањето на горивата директно ќе се прелее врз цените на храната и на основните трошоци за живот, со што дополнително ќе се намали куповната моќ на домаќинствата и ќе се зголеми инфлацискиот притисок.
– Додека граѓаните живеат крпен живот, од ден на ден се сè посиромашни, Мицкоски не презема ништо. Затоа секоја изјава му е „наскоро ќе види“. Тоа „наскоро“ не ги полни фрижидерите на граѓаните, ниту ги плаќа сметките. Секое зголемување на цените на горивата директно ги зголемува транспортните трошоци, а тоа повторно се прелева во повисоки цени на храната. На крајот, сметката повторно ја плаќаат граѓаните, кои не може да врзат крај со крај во месецот – велат од СДСМ.
Оттаму посочуваат дека му се потребни речиси 70.000 денари на едно четиричлено семејство само за покривање на основните животни трошоци.
– Инфлацијата ја јаде куповната моќ. Со ребалансот и со нагорното ревидирање на инфлацијата на 4,5 %, Владата призна дека цените ќе продолжат да растат. Тоа значи уште поскапа храна, уште повисоки сметки, уште поскап и потежок живот. Помала вредност на платите и на пензиите. Помала куповна моќ. А Мицкоски не сака да слушне за 600 евра минимална плата и мерки. Не прифати ниту една мерка од СДСМ, ниту за замрзнување на маржите на основните прехранбени производи ниту поддршка за најранливите категории граѓани – велат оттаму.
(С.Бл.)












