понеделник, октомври 5, 2026
Дома СВЕТ Хаос во Франција: Се затвораат до 500 училишта

Хаос во Франција: Се затвораат до 500 училишта

0
EPA/Firas Abdullah

Низ Франција денеска ќе бидат делумно или целосно затворени до 500 училишта поради ученичките протести што ја потресоа таа земја, изјави францускиот министер за образование Едуар Жефре.

Според неговите зборови, наставата ќе биде целосно или делумно прекината во околу 400 до 500 училишта бидејќи не се исполнети безбедносните услови.

Тој истакна дека од почетокот на протестите 24 училишта биле запалени или ограбени.

Тинејџерите од француските средни училишта наведуваат дека нивното учење е нарушено поради големото отсуство на просветните работници од работа, предолгата учебна година и многу лошата состојба во која се наоѓаат зградите, пренесува АФП.

Протестите започнаа на 17 септември во едно од училиштата во Париз, но минатата недела се проширија низ целата земја.

За време на протестите учениците се судрија со припадниците на безбедносните сили, кои потоа употребија солзавец и палки за да ги растераат демонстрантите.

„Имаше активисти, особено од редовите на крајната левица, кои се инфилтрираа во ученичкото движење и потоа започнаа насилство. Јасно е дека постои опасност за персоналот и учениците. Повредени се околу 78 лица од персоналот, а тие беа цел на напади бидејќи се вработени во државниот образовен систем“, истакна Жефре.

Организаторите на протестите побараа нивно продолжување во вторник, на 6 октомври, наведувајќи дека властите не презеле конкретни мерки, пренесува Срна.

Повеќе од 5.000 луѓе, од кои 85 проценти се малолетници, се уапсени од почетокот на протестите.

ИЗДВОЕНИ