Македонската економија ќе расте, инвестициите ќе продолжат да се зголемуваат, но со нив ќе расте и јавниот долг. Вака, во кратки црти, може да се прочита најновата проценка на „Стандард и Пурс“, која повторно го потврди кредитниот рејтинг на Македонија на ББ-, со стабилен изглед.
Агенцијата очекува економски раст од околу 3,6 % во 2026 и 2027 година, а главниот погон повторно ќе бидат инвестициите. Особено се смета на големите инфраструктурни зафати, пред сè коридорите 8 и 10-д. Само во првата половина од годинава инвестициите пораснале за повеќе од 9 %, а висока активност се очекува и во вториот дел од годината.
Агенцијата смета дека економијата ќе ја турка и домашната потрошувачка. Повисоките плати и пензии, подобрувањето на пазарот на трудот и поголемите приходи на домаќинствата треба да го одржат трошењето на граѓаните. Растот, според „Стандард и Пурс“, нема да биде краток здив. За периодот од 2027 до 2029 година се очекува просечен раст од околу 3,3 % годишно.
Силниот инвестициски циклус не доаѓа без цена. Големите инфраструктурни проекти, нивното финансирање и обврските поврзани со државните претпријатија ќе го туркаат јавниот долг нагоре. Проекцијата е до 2029 година долгот да стигне до околу 57 % од БДП.
И буџетот останува под лупа. „Стандард и Пурс“ очекува постепено стегање на фискалната политика во наредните години, со просечен буџетски дефицит од околу 3,4 % од БДП во периодот 2027–2029 година. Сепак, кредитната агенција засега не гледа причина за промена на оцената. Јавниот долг го оценува како умерен, а трошоците за негово сервисирање како одржливи. Плус е и тоа што државата и понатаму има пристап до меѓународните пазари на капитал.
Тоа се виде и во јануари годинава, кога беа издадени две еврообврзници од по 500 милиони евра. Од агенција со порака за Македонија: има простор рејтингот еден ден да оди нагоре, ама нема попуст без услови. За подобра оцена ќе треба трајно подобрување на буџетските резултати, одржливо намалување на нето јавниот долг и посилен економски раст. Тоа би значело дека инвестициите може да ја влечат економијата напред, но сметката за нивното финансирање ќе продолжи да се гледа во јавниот долг.
„Стандард и Пурс“ во извештајот ја нотира и посветеноста кон европските интеграции, оценувајќи дека процесот може да биде важен поттик за структурни реформи во следните години. Засега оцената останува ББ- со стабилен изглед. А дали ќе успее Македонија да го претвори инвестицискиот бум во долгорочен раст, без долгот да стане преголем товар, ќе биде една од клучните економски приказни во годините што следуваат.












