Поетско-музичката вечер, тематски посветена на поезијата за патот, ќе се одржи на на 18 март, со почеток од 19 часот, во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во Скопје. Под слоганот „Светот ја слави поезијата. Градот ја слуша“, ќе биде одбележан Светскиот ден на поезијата, со настан на кој ќе читаат 30-тина современи и афирмирани македонски поети и поетеси од сите генерации и со музичка програма од современи македонски музичари.
Темата на оваа поетска вечер, велат организаторите, не е случајно избрана. „Патот е важна одредница на сите поети – и општочовечкиот и поетскиот, автореференцијалниот. Секој поет уште од своите почетоци се труди да се издвои по својот стил – односно да го најде својот автохтон пат во поезијата. Тој пат е и примамлив и неизвесен, бара длабење во најдлабокото, но и остар увид во површното, секојдневното. На тој начин, поезијата може да се сфати и како пат кон себе, но и како пат кон другиот, а поетот станува патник упатен кон растајнување на непознатото…“, вели поетесата Виолета Танчева-Златева, која подготвува „Антологија на патот“ од современата македонска поезија.
Беседа по повод Светскиот ден на поезијата ќе одржи младата поетеса Ивана Јовановска, а настанот ќе го модерира поетесата и новинарка, Александра Спасеска. Музичкото интермецо меѓу стиховите ќе го изведе Зарина Првасевда, а настанот ќе го заокружат „Поетроника“, кои со своите иновативни звуци ќе ја продолжат забавата до самото затворање.












