Министерството за локална самоуправа, преку Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините, по првиот пресек на пристигнатите апликации, ја формираше првичната база од 170 експерти и практичари, со што се поставува силна основа за навремена, стручна и целна поддршка на општините во решавање на конкретни локални предизвици, истакна министерот за локална самоуправа, Златко Перински.
Тој наведе дека со самото тоа, базата на експерти е ставена во функција, а општините можат, согласно со своите потреби, да користат професионална поддршка во различни области.
– Областите на потребна експертиза се поврзани со изворните надлежности на општините, но и пошироко, опфаќајќи сектори кои имаат значајно влијание врз функционирањето на локалната самоуправа, подобрувањето на услугите кон граѓаните и креирањето на стратешки решенија за долгорочен развој – појасни Перински.
Воедно, од Министерството за локална самоуправа информираат дека од вчера е повторно отворен јавниот повик за изразување интерес за вклучување во базата на експерти на Ресурсниот центар.
– Повикот ќе биде континуирано отворен, со цел сите заинтересирани професионалци со соодветна експертиза и искуство да имаат можност да аплицираат и да се вклучат во базата на експерти, придонесувајќи кон обезбедување квалитетна и навремена поддршка за општините – нагласуваат од Министерството.












