Со нова енергија и со нови лица, но и со дел од „староседелците“, машката сениорска репрезентација ги започна подготовките за учеството во Европската лига 2026. Подготовките ќе се одвиваат во хотелот „Монтана“ во Крушево.

Селекторот Јошко Миленкоски прозиваше, а на првиот собир се појавија 18-мина одбојкари, поголемиот дел од нив првпат во А-селекцијата, на кои гледа како дел од иднината на тимот. Според најавеното, интернационалците Никола Ѓоргиев, Владо Милев, Александар Љафтов, Филип Савовски и Филип Маџунков, како и Стојче Арсов, ќе се приклучат на 13 мај во Скопје.

Селекторот Миленкоски ги поздрави сите играчи што му се ставија на располагање и истовремено ја објасни „мисијата“ што ја очекува репрезентацијата во претстојниот период.

  • Почнуваме една седмица порано од предвиденото, со подмладен состав, што е практика во Европа и во светот во овој период од подготовките, со оглед на тоа дека голем дел од играчите со статус на интернационалци и натаму имаат клупски обврски. Тоа што сме со редуциран број искусни играчи дава шанса помладите одбојкари, кои се на поширокиот список, да добијат повеќе простор и внимание. Раниот старт на подготовките има цел одбојкарите што имаа подолга пауза да бидат на идентично ниво со оние што ќе ни се приклучат на 13 мај, а се во полна натпреварувачка форма. Така ќе можеме директно да продолжиме со техничко-тактичката подготовка и да ја темпираме формата прво за пријателските натпревари со Црна Гора на крајот од мај, а потоа и за Европската лига. Овие подготовки имаат и една друга цел: да ги видиме моменталните квалитети, предиспозиции и перспектива и да тестираме поголем дел млади одбојкари, кои се дел од кадетската и од младинската селекција. Го користиме отсуството на поискусните во моментов за да пробаме дел од младинските репрезентативци, кои во август ќе бидат дел од У 20-селекцијата, која ќе игра зонски квалификации за ЕП, во нивната возрасна категорија. Ова е шанса да ги видиме можностите за да имаме јасна слика и на што може да сметаме во иднина. Имаме добар план и на добар пат сме и со сениорите да стигнеме до едно добро ниво, но и младинската селекција да добие добра база. Истовремено ќе видат младите какви се методите на работа во сениорската репрезентација од која, се надеваме, ќе бидат дел во блиска иднина – објасни селекторот Јошко Миленкоски.

За разлика од претходните години, кога учеството во Европската лига се сметаше како подготовка за некое друго натпреварување, сега сериозно се сфаќа ова учество, особено поради фактот дека е прв дел од квалификацискиот циклус за пласман на Европското првенство 2028 година.

  • Европската лига ја сфаќаме сериозно, како прв дел од циклусот за следното Европско првенство во 2028 година, а истиот пристап, несомнено, ќе го имаат и другите репрезентации. Европската лига нема да биде само тест или подготовка за некое друго натпреварување, туку сега многу посериозно ќе гледаат сите кон неа и ќе биде многу поквалитетна, но таа носи и голема задача: пласман на ЕП 2028. Противниците на турнирите се познати и имате ривали како Холандија, Израел и Грција, чиј квалитет ни е добро познат и ќе се обидеме да извлечеме што подобар резултат во дуелите со нив. Од друга страна, оптимисти сме дека може да запишеме победи против Исланд, Косово и Луксембург, со оглед на тоа што важиме за фаворите на натпреварите со нив – објаснува селекторот.

Што се однесува до она што ја очекува репрезентацијата во првата недела од подготовките, стратегот на националниот тим вели:

  • Планот за Крушево е да се посвети што повеќе внимание на физичката подготовка. Ќе го искористиме присуството на Петар Баснарков, кој првпат е во стручниот штаб на репрезентацијата и очекувам многу да ѝ помогне на екипата со својата квалитетна работа, особено во подигнувањето на формата на одбојкарите. Покрај на физичката подготовка, ќе работиме и на основната техника и да видиме како ќе се вклопат помладите во тимот. Тактичниот дел ќе го оставиме за во Скопје, каде што ќе се комплетираме со интернационалците – заврши Миленкоски.

Репрезентацијата до 12 мај ќе престојува во Крушево, додека ден подоцна повторно ќе се собере во Скопје.

ИЗДВОЕНИ