Новите статистички податоци покажуваат дека инфлацијата повторно удира по домашниот буџет, а најголем товар носат токму основните трошоци: храната, горивото и сметките. Граѓаните сè погласно реагираат дека секојдневниот живот станува прескап и дека платите не можат да го следат растот на цените, додека премиерот Христијан Мицкоски уверува дека Владата активно ја следи состојбата и спроведува антикризни мерки. Од Народната банка, пак, очекуваат постепено стабилизирање на инфлацијата во втората половина од годината, но предупредуваат дека ризиците од глобалните економски и енергетски случувања и натаму остануваат високи. На социјалните мрежи граѓаните коментираат дека за истите производи денес плаќаат значително повеќе отколку пред само две години и дека штедењето станува сè потешко

Животот во Македонија од месец во месец станува сè поскап, а најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека граѓаните сè потешко се справуваат со секојдневните трошоци. Објавените бројки откриваат дека трошоците за живот во април годинава пораснале за 5,7 % во однос на тој месец лани, додека цените на мало бележат раст од 5 %, односно од 3,2 % во однос на претходниот месец, што дополнително го зголемува притисокот брз домашниот буџет.

Најголем ценовен шок е регистриран во секторот транспорт, каде што трошоците за само еден месец пораснале за дури 10,1 %. Раст е забележан и кај храната и кај безалкохолните пијалаци за 0,7 %, како и кај алкохолните пијалаци и тутунот, рекреацијата, облеката и обувките, домувањето и здравствените услуги. Единствено благо намалување е евидентирано кај покуќнината и одржувањето на домаќинствата, додека осигурителните и финансиските услуги останале на исто ниво.

При раст токму на основните трошоци: храната, транспортот и енергенсите, најголемиот товар од инфлацијата повторно паѓа врз граѓаните со пониски приходи. Многумина од нив реагираат на социјалните мрежи дека секојдневно ја чувствуваат инфлацијата и сметаат дека платите тешко успеваат да го следат растот на цените.

– Секој ден кога ќе влезам во маркет, цените се различни. За истите производи што ги купував лани за 2.000 денари, сега ми требаат речиси 3.000. Платата остана иста, а трошоците растат од месец во месец – коментира еден пензионер.

– Најтешко е за храна и за исплаќање на сметките. Не е проблем само што растат цените, туку што растат многу побрзо од платите. На хартија, можеби, бројките не изгледаат страшно, но во маркет и на бензинска се чувствува секој ден. Горивото, струјата, храната – сè поскапи. Ако имаш деца и кредити, веќе станува невозможно да се организира семејниот буџет. Пред неколку години можевме нешто и да заштедиме, а сега едвај го туркаме месецот – вели една млада скопјанка.

– Секој месец кратиме нешто, прво на излегување, па на облека, сега веќе и на храна. Инфлацијата, можеби, статистички е 4 проценти или нешто повеќе, но за нас, граѓаните, чувството е дека сè е двојно поскапо отколку пред две години. Луѓето се уморни од постојаното поскапување – констатира еден млад скопјанец.

Славески: Ќе ги анализираме податоците

На новинарско прашање дали Народната банка размислува за ново зголемување на референтната каматна стапка поради растот на инфлацијата, гувернерот Трајко Славески изјави дека институцијата внимателно ги следи движењата, особено кај цените на храната. Тој посочи дека април традиционално е месец кога поради верските празници, има ценовни удари кај овошјето и кај зеленчукот, но според анализите на Министерството за економија, годинава немало посилен ценовен шок.

– Кога станува збор за храната, Народната банка ќе ги анализира податоците по категории производи. Пријатно ме изненади што во април, кога традиционално има раст на цените на зелените пазари и во маркетите, не видовме посилен удар. Тоа не беше клучната причина на 5 мај да донесеме одлука за нагорна корекција на основната каматна стапка – изјави Славески.

Тој додаде дека Народната банка останува претпазлива и дека внимателно ќе ги следи инфлаторните притисоци и состојбите на меѓународните пазари.

Мицкоски: Македонија се справува со антикризни мерки

Премиерот Христијан Мицкоски, пак, оценува дека Владата активно ја следи состојбата и презема мерки за справување со економската криза. По германско-македонскиот самит во Скопје, тој изјави дека Македонија е меѓу трите европски држави со најголем обем на антикризни мерки во однос на бруто домашниот производ.

– Меѓународниот монетарен фонд потврди дека сме меѓу првите три држави во Европа според применетите мерки како процент од БДП. Добро би било да сме на тоа ниво и во други области – изјави Мицкоски.

Тој посочи дека Владата работи во услови на, како што рече, „испразнета и ограбена државна каса“, но и покрај тоа, се обидува да го ублажи ударот врз граѓаните и врз стопанството.

Според премиерот, инфлацијата во Македонија е слична на онаа во регионот.

– Бугарија има инфлација над 6 %, Хрватска околу 6 %, слично е и во Грција, а во еврозоната е над 3 %. Очекувам годишната инфлација кај нас да остане меѓу 5 и 6 проценти – рече Мицкоски.

Тој нагласи дека најголемо отстапување се забележува кај транспортните услуги, особено кај билетите за нискобуџетните авиокомпании, но очекува стабилизација со евентуално намалување на цените на нафтата.

Народната банка очекува постепено смирување на инфлацијата

Во најновите макроекономски проекции, Народната банка очекува постепено стабилизирање на цените во втората половина од годината доколку дојде до смирување на глобалните енергетски и геополитички тензии.

Според проекциите, инфлацијата во 2026 година би изнесувала околу 4 %, додека во 2027 година би се намалила на приближно 3 %. На среден рок, се очекува враќање кон историскиот просек од околу 2 %.

Од Народната банка оценуваат дека економијата ќе продолжи умерено да закрепнува, со очекуван раст на БДП од 3,5 %, во 2026 година и 3,8 % во 2027 година.

Како главни двигатели на растот се посочуваат инвестициите, инфраструктурните проекти и постепеното закрепнување на надворешната побарувачка.

Сепак, ризиците остануваат високи. Од централната банка предупредуваат дека геополитичките случувања, цените на енергенсите и нестабилноста на светските пазари и понатаму претставуваат сериозна закана за економската стабилност.

Народната банка ја оценува надворешната позиција на економијата како понеповолна на краток рок. Се очекува дека дефицитот на тековната сметка ќе изнесува околу 5,7 % од БДП во 2026 година, под влијание на повисокиот увоз на енергенси и инвестициските активности. На среден рок, се очекува негово постепено намалување при стабилни финансиски приливи, кои ќе обезбедат финансирање на дефицитот и натамошен раст на девизните резерви.

Банкарскиот систем и натаму обезбедува солидна поддршка за економијата. Во првиот квартал од 2026 година, кредитната активност бележи годишен раст од 13,1 % при очекување за умерено забавување до крајот на годината. Депозитната база и натаму расте солидно, што укажува на стабилна доверба и на поволни услови за штедење. На среден рок, 2027-2028 година, се очекува просечен раст на кредитите од речиси 7,4 % при раст на депозитната база и во услови на стабилен и солиден банкарски систем.

Гувернерот Славески очекува намалување на приватните трансфери (дознаки) од нашите гастарбајтери, кои во последните две-три години изнесуваа 2,3 милијарди евра и во 2024 и 2025 година бележат пад од 5 %. Што се однесува до странските директни инвестиции, кои досега беа 4 % од БДП, да се зголемат оваа година, затоа што во 2024 година изнесуваа над 6,1 %, а лани паднаа на само 1,3 % од БДП.

Народната банка ја задржува внимателната поставеност на монетарната политика во услови на зголемена светска неизвесност и променливо надворешно окружување. Ризиците и натаму се претежно надолни и се поврзани со геополитичките случувања и движењето на цените на примарните производи. Народната банка нагласува дека и во иднина ќе биде подготвена да ги користи сите расположливи инструменти и доколку е потребно, ќе преземе соодветни мерки за одржување на стабилноста на девизниот курс и на ценовната стабилност на среден рок.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ