Од почетокот на годинава до 25 октомври, аеродромите во Скопје и во Охрид опслужиле 3.651.073 патници, што е за 28 проценти повеќе во споредба со тој период лани. Бројот на летови пораснал за 10 проценти, достигнувајќи 24.232. Само во првите 25 дена од октомври, низ двата аеродроми поминале речиси 322 илјади патници, односно 24 проценти повеќе на годишно ниво, покажуваат податоците на ТАВ Македонија.
Вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, очекува до крајот на годинава бројот на патници да се приближи до четири милиони, па дури и да го надмине овој број. Според него, растот е резултат на субвенционирањето на авиолиниите и инвестициите во аеродромската инфраструктура. Тој најави и позитивни вести за охридскиот аеродром, без да открие детали за нови дестинации и рокови.
Бројот на патници расте речиси трипати побрзо од бројот на летови, што укажува на поголема искористеност на авиосообраќајот. Најголем дел од патничкиот сообраќај го носи нискобуџетната авиокомпанија „Визер“, со удел од 63,8 проценти на скопскиот и 70 проценти на охридскиот
Во Охрид, растот е проследен и со инфраструктурни инвестиции. Во септември беше пуштен во употреба модернизираниот дел од аеродромот, во кој ТАВ инвестираше 2,7 милиони евра. Обновени се 3.364 квадратни метри терминалски простор, а проширени се зоните за пријавување, безбедносни контроли, чекање и за преземање багаж.
Предизвикот е да се искористат подобрените капацитети и надвор од летната сезона. Според зимскиот распоред, од Охрид се предвидени летови до Цирих, Базел, Дортмунд и до Меминген. Во првите девет месеци, пак, водечка дестинација била Братислава, со удел од 14,4 проценти, пред Базел и Дортмунд. Поголемата понуда во зимските месеци би можела да придонесе за продолжување на туристичката сезона и за постабилна работа на туристичкиот сектор.
Сепак, рекордниот број патници не значи автоматски и поголема економска корист. Аеродромската статистика не покажува колку од нив се странски туристи, колку време остануваат во земјава и колку трошат. За да се измери вистинскиот ефект, потребни се податоци за ноќевањата, туристичката потрошувачка и за деловните посети.












