Од денеска до недела, Штип е домаќин на второто издание на „Штип стрит фуд фестивал“. На шеталиштето „Ванчо Прќе“, граѓаните ќе имаат можност да уживаат во богата музичка програма и да дегустираат храна од повеќе светски кујни. Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, рече дека се очекуваат добра посетеност, одлична забава и фестивалот да продолжи да се развива како традиционална манифестација, која ќе ја збогатува понудата на градот.
– Граѓаните на Општина Штип, но и сите гости отстрана, во следните неколку дена ќе имаат можност добро да се забавуваат со богата музичка програма, да имаат можност да пробаат, да вкусат храна од многу светски кујни. Посакувам да има добра потрошувачка, одлична забава и сето ова да продолжи како една традиција, во насока на збогатување на понудата, која, како град, им ја нудиме на нашите сограѓани, но и на сите гости што доаѓаат отстрана – рече Јорданов.
Тој додаде дека му се потребни вакви настани на градот, кои го збогатуваат општествениот и забавниот живот.
-Верувам дека сите потребни подготовки навреме ќе се реализираат за да се реализира сето она што е предвидено и замислено на шеталиштето „Ванчо Прќе“, а граѓаните да ја проследат и да уживаат во програмата и во богатата понуда од светските кујни – рече Јорданов.












