Денеска во Австрија започна судењето на 21-годишниот младич австриски државјанин по потекло од Македонија, обвинет за планирање исламистички напад на концертот на американската пејачка Тејлор Свифт во Виена во 2024 година, кој беше осуетен кратко пред одржувањето на музичкиот настап на ѕвездата.

Обвинетиот, идентификуван како Беран А., беше уапсен на 7 август 2024 година, еден ден пред првиот од трите планирани концерти во Виена, кои потоа беа откажани, објави „Кронер Цајтунг“.

Според обвинителството, тој бил инспириран од Исламската држава и добил инструкции за изработка на експлозивни направи преку интернет.

Неговиот адвокат изјави дека обвинетиот ќе се изјасни за виновен по главните обвиненија поврзани со планирање напад на концертот, додека ќе ја негира вината по другите точки од обвинението, вклучително и членство во терористичка организација и други обвинувања.

Обвинителството тврди дека Беран А. се обидел да набави оружје и да произведе експлозиви, и дека бил во контакт со луѓе кои планирале слични напади во странство.

Во случајот е вклучен и словачкиот државјанин Арда К., кој исто така е на обвинителната клупа.

Според обвинението, двајцата мажи и уште еден осомничен наводно планирале координирани напади во различни градови на Блискиот Исток пред концертот, а еден од нив веќе е уапсен во Саудиска Арабија по нападот во Мека.

Судењето се одржува во Винер Нојштат, а неколку рочишта се закажани до мај, со можност за продолжување.

Обвинетиот се соочува со казна од 10 до 20 години затвор доколку биде осуден, пренесува Танјуг.

ИЗДВОЕНИ