Од Општина Кисела Вода почна пролетната акција за генерално чистење на градот, со цел унапредување на јавната хигиена и заштита на животната средина.
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во акцијата се вклучени екипи од повеќе јавни претпријатија.

– Од ЈП „Комунална хигиена“ интензивно ги чистат улиците и го отстрануваат отпадот, вклучително и неправилно одложениот смет. „Водовод и канализација“ спроведува миење на улиците и на јавните површини, додека „Паркови и зеленило“ работи на уредување и на одржување на зелените површини. Воедно, „Улици и патишта“ поставува метални столпчиња за да се спречи узурпацијата на тротоарите и јавниот простор – истакна Ѓорѓиевски.
Тој наведе дека оваа акција претставува почеток на нов пристап кон одржувањето на градот, каде што редот, чистотата и одговорноста ќе станат секојдневие. Нагласи дека институциите ќе продолжат со систематски активности во сите општини, со цел создавање на почиста и поуредена урбана средина.
– Чистата животна средина не е луксуз, туку основно право на секој граѓанин. Градот може да чисти, но вистинската промена доаѓа кога сите заедно ќе ја преземеме одговорноста – порача скопскиот градоначалник.
Од Градот нагласуваат дека акцијата ќе продолжи со засилено темпо и во наредниот период, а за непочитување на правилата ќе следуваат соодветни санкции. Воедно, се упатува апел до граѓаните да придонесат со одговорно однесување, да го чуваат јавниот простор и да не фрлаат отпад на несоодветни места.












