Пријавувањето за новото издание на наградниот конкурс „Trash for Art 2026“ е во тек, а како и секоја година – победниците ги очекуваат вредни награди.
„Пакомак“ ги повикува сите екосвесни граѓани да ја покажат својата креативност, да испратат уметничко дело направено од отпад за конкурсот и да бидат во игра за вредни награди.
Конкурсот е отворен за сите, а пријавените дела ќе се натпреваруваат во повеќе различни категории. Како и секоја година, ќе се избира најдобро дело во категориите: градинки, основни училишта, како и поединци и други организации.
За секоја од категориите се предвидени по три парични награди – за првото место – 30.000 денари, за второ – 20.000 денари и за трето – 10.000.
Испратените дела треба да бидат изработени од најмалку 10 парчиња амбалажен отпад од ист или од различен тип амбалажа, и не треба да бидат повисоки од 150 сантиметри.
Оваа година, конкурсот ќе има и две специјални награди. Едната е за уметнички дела направени од електронски отпад, односно направени од најмалку три делчиња од електронски отпад или отпадни батерии, за која наградниот фонд за прво, второ и трето место е идентичен како во генералните категории.
А посебна награда ќе добијат најдобрите испратени уметнички дела изработени само од амбалажа на „Алкалоид“. Фармацевтскиот гигант е специјален учесник и поддржувач на „Trash for Art 2026“ и застанува зад екомисијата на „Пакомак“, со силна порака за почиста животна средина.
Пријавувањето на дела за конкурсот трае до 17 март, а делата треба да бидат доставени на 16 и 17.03.2026 од 9:00 до 18:00 часот, во локалот „Лабораториум“, кој се наоѓа зад Работнички универзитет „Кочо Рацин“.
Повеќе информации за наградниот конкурс „Trash for Art“ можат да се најдат на: www.pakomak.com.mk и на профилите на социјалните мрежи на „Пакомак“.












