Денеска, на 76 годишна возраст по кратко боледување почина новинарката Билјана Мартиноска.
Мартиноска, која работниот век го помина во „Нова Македонија“, беше дел од онаа генерација новинари кои беа целосно посветени на својата професија.
Веста за смртта на Билјана Мартиноска ја објави нејзината ќерка проф. д-р Ана Мартиноска.
Во својата интимна и емотивна објава меѓу другото таа за значењето на загубата на Билјана Мартиноска сподели: „… Новинар по професија и пасија, мајка столб со безрезервна поддршка во секоја ситуација, најнежна баба секогаш адвокатски поставена на страната на внуците кои ги обожаваше, одличен другар, но и тажна жена која со децении тагуваше по својот Ники и од неодамна по својот бато. Замина брзо и направи партал во душите на сите кои бевме среќни да ја имаме за своја најмила“.
Мартиноска остави неизбришлива трага во покривањето на темите од културата. Таа работеше во времето кога културните рубрики на весниците и на радиодифузерите имаа по најмалку 7-8 новинари, затоа што тоа беше еден од најважните елементи во борбата за идеи, културен напредок и за нови дострели што ја водеше македонското општество и во времето на поранешната федерација и потоа како независна држава. Билјана Мартиноска беше важен сегмент во мисијата за културно описменување.
Погребот ќе биде утре на гробиштата во Бутел во 10 часот, капела 9-10.












