Откако во ИЈЗ се пријавиле 26 случаи, од кои 24 се потврдени дека се заболени од вирусот западнонилска треска по убод од тигрест комарец, прогласена е епидемија во подрачја од главниот град, и тоа: Кисела Вода кај населбата Пржино, Аеродром, Бутел, Гази Баба, населбите Илинден, Драчево, потоа Идризово, Јурумлери, Трубарево. Сите болни се од Скопје, а еден од Велес.
– Станува збор за повозрасни мажи, над 60 години. Речиси сите се каснати од автохтони комарци од погодените подрачја, а еден се заразил во Грција. Оваа недела се регистрирани 13 нови случаи – изјави на прес конференција д-р Марија Гочевска од ИЈЗ.
Зголемувањето на бројот на заболени и задржаните во болница се главната причина за прогласување епидемија. На Клиниката за инфективни болести, викендов починал маж на 83-годишна возраст, кој бил ставен на механичка вентилација, по компликации предизвикани од вирусот, кажа директорот Фадиљ Цана.
– Од почетокот на вирусот, на Клиниката се примени вкупно 29 пациенти, 25 се потврдени дека го носат вирусот, а четворица се суспектни. Петмина се во тешка состојба и се на механичка вентилација. Осуммина се излекувани и пуштени од болница – изјави д-р Цана. На Клиниката болните се лекуваат суспектно, а симптомите се покачена телесна температура, треска, главоболка, конфузност, а во некои од случаите се јавуваат и дијареја и повраќање.
Доктор Златко Арсениевски од ЦЈЗ вели дека и натаму ќе се прска против комарци во погодените подрачја.
– Правиме дезинсекција, со цел да се намали бројот на комарци. Препорачуваме сите предмети што се покрај вода да се отстранат. Да се отстранат базени, буриња со вода. Да се чистат барите каде што има застоена вода. Да се стават мрежи на прозорците и задолжително темелно да се премачкуваат голите делови од телото со средства против инсекти – апелира Арсениевски од ЦЈЗ.
По прогласување епидемија во некои делови од Скопје, здравствените власти апелираат до жителите на погодените подрачја да не работат на нивите и да не полеваат цвеќиња на зајдисонце, кога се најактивни комарците, и рано наутро, а ако веќе имаат градинарско-земјоделска работа, да ја вршат претпладне.
– Нема место за паника, само да се почитуваат препораките од докторите – вели заменик-министерот за здравство, Јовица Андоновски.
Од Општина Кисела Вода соопштија дека се врши акција против ларви, а в петок третман против возрасни комарци на подрачјето на населбата Драчево.
– Акцијата е фокусирана на спречување на ларвите, при што специјализираните екипи на терен вршат прскање со соодветен ларвицид во сите критични точки, каналите, застоените води и влажните места каде што се собира вода и каде што постојат услови за развој на овие инсекти. За дополнителна заштита и целосно намалување на бројноста на инсектите, акцијата ќе продолжи и в петок, кога ќе се изврши теренско прскање против возрасни комарци на територијата на овој дел од Општината. Ги потсетуваме пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на своите пчелни семејства поради најавеното прскање против возрасни комарци, кое ќе се реализира в петок – соопштија од Општината на чие подрачје е прогласена епидемија од западнонилса треска.
Западнонилската треска е вирусна инфекција што се пренесува на луѓето преку убод од заразен комарец, кој претходно се инфицирал хранејќи се со крв од заразена птица. Вирусот не се пренесува директно од човек на човек. Поголемиот дел од заразените немаат никакви симптоми или имаат лесни тегоби, како покачена телесна температура, главоболка, болки во мускулите, исипување или зголемени лимфни јазли. Кај помал број лица, особено кај оние постари од 50 години, западнонилската треска може да предизвика сериозни компликации, како енцефалитис или менингитис, а во ретки случаи и трајно оштетување на нервниот систем. (П. А.)












