За една недела, втор смртен случај од вирусот западнонилска треска на Клиниката за инфективни болести во Скопје. Почина 72-годишен маж кај кого била утврдена и клиничка слика на менингитис. На Клиниката во моментов се хоспитализирани 24 пациенти, од кои неколкумина се на механичка вентилација.
Пред неколку дена, од вирусот почина 83-годишен маж од Скопје, кој бил лекуван на Инфективна. Кај пациентот биле присутни и вкочанетост на вратот и нарушена свест, а била утврдена и клиничка слика на менингитис. Дополнително, кај него биле присутни и други болести. Присуството на вирусот на западнонилска треска било потврдено со серолошко испитување на ликворот.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, симптомите на вирусот се покачена температура, треска, главоболка, општа слабост, како и болки во зглобовите и во мускулите. Здравствените власти прогласија епидемија поради зараза со вирусот во неколку скопски подрачја: Кисела Вода, Гази Баба, Драчево, Илинден, Трубарево, Јурумлери, Идризово. Најмногу регистрирани случаи на заболени од западнонилска треска има во Драчево.(П.А.)












