ПО ПОВЕЌЕ ОД ЕДЕН МЕСЕЦ НЕИЗВЕСНОСТ И МАКИ НА ГОРЕШТИНИТЕ
Водата за пиење во Гостивар, конечно, е прогласена за безбедна, по повеќе од еден месец неизвесност. Здравствените власти потврдија дека водата е микробиолошки и физичко-хемиски исправна и најавија дека и во периодот што следува ќе се прават три мерења за квалитетот на водата во Гостивар неделно. На жителите на Гостивар им препорача да ја остават водата да истече неколку секунди, особено ако подолго време не била пуштена чешмата. Сега останува да се види дали по долгата неизвесност ќе се врати довербата на гостиварци во водата од чешма. За да немаат граѓаните на Гостивар никакви дилеми, членовите на Кризниот штаб се напија по една чаша вода од чешма
Водата во Гостивар е безбедна за пиење, соопшти вчера на прес-конференција директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кој е и шеф на Главниот штаб за управување со кризи. По повеќе од еден месец со шишиња во рацете, гостиварци повторно можат да налеат чаша вода директно од чешма и, конечно, да ја испијат, откако не се најдени бактерии во три последователни примероци. Здравствените власти потврдија дека е прочистена водата, дека ги исполнува условите за безбедно користење и најавија дека и во периодот што следува ќе се прават три мерења за квалитетот на водата во Гостивар неделно. Но, по сè што се случи во изминатиот период, останува прашањето дали заедно со водата се врати и довербата на гостиварци во чешмата или сè уште останува сомнежот. За да немаат граѓаните на Гостивар никакви дилеми, членовите на Кризниот штаб се напија по една чаша вода од чешма.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, на прес-конференцијата потврди дека водата е микробиолошки и физичко-хемиски исправна. Тој појасни дека водата била бактериолошки исправна уште од крајот на минатата недела, но при извршените испитувања имало повисоко ниво на хлор, како резултат на спроведената дезинфекција на водата за пиење.
– Агенцијата за храна и ветеринарство ги известува жителите на Гостивар дека од денеска, петок 14.8.2026 година, водата може да се користи за пиење. Водата миркробиолошки беше исправна уште минатата недела, но при извршените испитувања беше утврдено зголемено присуство на резидуален хлор над границите предвидени со Правилникот за барањата за квалитетот на вода за пиење од 0,2 до 0, 5 милиграми на литар. АХВ во саботата посочи да се намали додавањето хлор и да се земат дополнителни примероци за лабораториско испитување со цел потврдување на безбедноста на водата за пиење. Последните добиени резултати спроведени од лабораториските испитувања од почеток на неделава потврдуваат дека водата е микробиолошки и хемиски исправна и се исполнети условите водата од водоснабителниот систем во Гостивар да се користи за пиење – истакна Миланов.
Во насока на стабилизирање и одржување на квалитетот и безбедноста на водата, се препорачува Јавното комунално претпријатие „Комуналец“ – Гостивар да го зголеми производството на сурова вода, согласно со расположливите капацитети и техничките можности. Миланов им препорача на жителите на Гостивар да ја остават водата да истече неколку секунди, особено ако подолго време не била пуштена чешмата. Тој апелираше за рационално користење на водата, особено во период на зголемена потрошувачка, со цел да се обезбеди стабилно и непречено користење. АХВ продолжува да ја следи состојбата заедно со Комуналното претпријатие и со Институтот за јавно здравје.
Претходно, за најновите информации поврзани со водата за пиење од гостиварскиот водовод седница одржа Општинскиот штаб, на кој учествуваа претставници од Главниот штаб при Центарот за управување со кризи, претставници од Институтот за јавно здравје, Агенцијата за храна и ветеринарство, како и експерти од областа на епидемиологијата.
Повеќе од еден месец граѓаните на Гостивар чекаа водата од градскиот водовод повторно да биде безбедна за пиење. Проблемот почна откако во примероци од водата беше утврдено присуство на колиформни, односно фекални бактерии, поради што беше забрането нејзиното користење за пиење и за подготовка на храна. Анализите покажаа дека загадувањето било поврзано со продор на канализациска вода во системот.
Оттогаш водата континуирано се следи и се вршат редовни лабораториски контроли. Како услов за повторно прогласување на водата за безбедна за пиење беше поставено добивањето три последователни негативни бактериолошки резултати, односно во три последователни примероци да нема присуство на бактерии.
Во контролата беа вклучени три лаборатории, кои земаа примероци од седум исти локации за да може меѓусебно да се споредуваат резултатите и дополнително да се потврди исправноста на водата. Покрај бактериолошките анализи, се следи и нивото на резидуален хлор, а по препорака на лабораториите, ЈП „Комуналец“ ја намали количината на хлор што се користи за дезинфекција.
По повеќенеделните контроли и добиените последователни негативни резултати, вчера се создадоа услови водата во Гостивар повторно да биде прогласена за исправна и безбедна за пиење.
Водата во Гостивар беше прогласена за небезбедна за пиење на 17 јули, откако беше утврдено дека во период од 22 дена пумпите внесувале фекално загадена вода во градскиот водовод. Како последица на загадувањето, над 5.000 граѓани беа засегнати, а на 19 јули беше прогласена епидемија. Два дена подоцна, Владата воведе 30-дневна кризна состојба во Гостивар. Од 27 јули, водата можеше да се користи само како техничка, односно за бањање и за други домашни потреби, но не и за пиење.
Во меѓувреме, Јавното обвинителство продолжува со истрагата за контаминацијата на гостиварската вода. Надлежниот јавен обвинител интензивно постапува и прибира докази. По наредба на јавниот обвинител, Управата за финансиска полиција ја одзела и ја прегледува документацијата поврзана со финансирањето и искористувањето на средствата од проектот за водоснабдување.
(В. С. Н.)
Тринаесет лица испрашани за ширење лажни вести за водата, сите кажале дека виделе од друг на „Фејсбук“
Тринаесет лица беа повикани на разговор во МВР поради ширење лажни информации на „Фејсбук“, за наводно загадена вода за пиење во Скопје. Интересно е што сите 13 кажале исто: информацијата ја споделиле откако ја виделе од некој друг на социјалните мрежи или ја слушнале од друго лице, но никој не посочил конкретен и проверен извор дека навистина е загадена водата.
– Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во врска со ширењето на лажните информации на социјалните мрежи за наводно загадување на водата за пиење во Скопје, досега повика 13 лица на информативен разговор. Со лицата е извршен службен разговор, при што сите се изјасниле дека ги објавиле или споделиле информациите откако претходно виделе слична објава на социјалните мрежи или слушнале од друго лице. Притоа, никој од нив не посочил конкретен, потврден или веродостоен извор што би ги поткрепил тврдењата за загадување на водата – известуваат од МВР за ширењето лажни вести на „Фејсбук“ за фекална загаденост на скопската вода.
Велат дека ќе се истражува и понатаму кој прв ја пласирал дезинформацијата. Апелираат до граѓаните да не споделуваат информации чија точност не е проверена и да се информираат исклучиво од официјални и релевантни извори.
Паниката меѓу граѓаните почна откако се прошири по родителски групи и социјалните мрежи порака со лажна содржина дека е изолирана бактеријата ешерихија коли во водата и дека веќе има заболени на Инфективната клиника. Информацијата беше демантирана од надлежните институции, а дополнителните испитувања во скопскиот водовод не покажаа присуство на бактеријата.












