Една недела по земјотресот во Венецуела, повеќе од 43 илјади луѓе сè уште се водат како исчезнати, а досега речиси 2.000 лица загинаа. Спасувачките операции сè уште се во тек, но бројот на луѓе кои се извлечени живи од урнатините се намалува.
Во понеделник, 12-годишно момче беше спасено во најтешко погодената Ла Гваира. Екипите го извлекоа и 21-годишниот Арон Кантиљо од урнатините.
„Јас сум ништо и ништо. Јас сум само млад човек кој помина пет дена заробен под зграда. Но, денес сум тука и сум жив, благодарение на Бога. Тој сам ме извлече оттаму и ги испрати своите ангели. Тие ангели се луѓето кои неуморно работеа за да ме спасат. Тие само ме информираа дека јас сум единствената личност во таа зграда која е пронајдена жива“, рече Арон.
Сепак, времето истекува, а шансите екипите да пронајдат некого жив под урнатините се намалуваат.
„Доаѓа тропска бура, можете да замислите што ќе направи дождот. Најмалку 2.500 згради се погодени, а повеќето од нив се целосно срушени. Затоа, сосема е сигурно дека конечниот број на жртви ќе биде поголем од она што е објавено досега. Можам да ви дадам груба индикација за обемот на ситуацијата. Набавуваме, и тоа е нешто што е договорено со локалните власти, 10.000 вреќи за човечки останки“, предупредуваат од ОН.
Граѓаните се огорчени на властите, тврдејќи дека одговорот не бил добар.
„Тие доаѓаат само да фотографираат. Не ни помагаат, а дури ни не ни дозволуваат да влеземе во зоната на катастрофа. Не ни даваат никаква опрема, а нашите семејства се таму“, рече лут граѓанин кој ја бара својата ќерка.
„Продолжуваме со нашите напори за спасување на преживеаните, што им дава надеж и емоции на нивните семејства, како и на нашите луѓе, кои се сведоци на неуморната работа на венецуелските и меѓународните спасувачки екипи“, објави вршителката на должноста претседател Делси Родригез.
И додека владата не одговара на обвинувањата на граѓаните, протераната лидерка на опозицијата Марија Мачадо го најавува своето враќање во земјата.
„Режимот сака да го спречи моето враќање во Венецуела, како и враќањето на многу сонародници кои сакаат да дојдат и да помогнат. Тие ја попречуваат работата на новинарите кои ја бараат вистината. Блокирањето и манипулирањето со информациите во вакви ситуации создаваат уште повеќе жртви“, рече Макадо.
И извештаите на странските медиуми покажуваат дека 59.000 згради се оштетени, додека властите велат дека околу 190 згради се целосно срушени.
Земјотресот трагично разоткри децении лоша градба, забрзани проекти, недостаток на градежни прописи и корупција што придонесоа за уривање на илјадници домови.












