четврток, јуни 4, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПО УБИСТВАТА ВО КУМАНОВСКО И ВО ОХРИД, НОВ ГРОЗОМОРАН СЛУЧАЈ ЈА ПОТРЕСЕ...

ПО УБИСТВАТА ВО КУМАНОВСКО И ВО ОХРИД, НОВ ГРОЗОМОРАН СЛУЧАЈ ЈА ПОТРЕСЕ МАКЕДОНИЈА: Синот ја убил мајката во Росоман, нишката на свирепите убиства сè подолга 

Осомничениот 27-годишен И. Р. самиот ѝ се пријавил на полицијата, откако во семејниот дом, со употреба на остар предмет, ѝ нанел убодни рани на својата 54-годишна мајка. За кусо време, од почетокот на годината, во земјава се случија неколку убиства, по што годишните бројки одново имаат нагорен тренд по периодот на намален број насилно одземање животи

173

Свирепото убиство во кое синот ја убил мајката е нов случај кој со својата суровост денеска се надоврза на неколкуте случаи кои во изминатиов период внесоа вознемиреност во македонската јавност. Полицијата денеска соопшти дека од слобода било лишено 27-годишното лице И. Р. од Росоман, Кавадаречко, откако самиот се пријавил дека извршил убиство на сопствената мајка.

– На 30.03.2026, полициски службеници од ОВР Кавадарци го лишија од слобода И. Р. (27) од Росоман. Во СВР Велес тој сам пријавил дека утрово, околу 07:30 часот, во семејниот дом со употреба на остар предмет ѝ нанел убодни рани на својата 54-годишна мајка, која од здобиените повреди, починала. Смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош Кавадарци – се наведува во соопштението на МВР.

Увидот на местото на злосторството, кои го извршија јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Кавадарци и увидна екипа од ОВР Кавадарци, треба да помогнат за разоткривање на заднината на овој грозоморен случај. Но, тој само се надоврзува на неколкуте убиства кои во изминативе денови се случија во земјава и кои го поставуваат прашањето дали насилното одземање туѓи животи станува сè почеста појава. Односно, дека внесува несигурност во секојдневното живеење на граѓаните. Полицијата, викендов, соопшти дека привела 53-годишно лице Ж. Г. од тетовското село Брвеница, кое е осомничено дека брутално, со давање, го убило 76-годишниот Климе Митрески од Охрид, откако меѓу нив двајца се случила кавга околу раскинувањето на договорот за доживотна издршка.

– Осомничениот од зад грб го нападнал, го совладал и го удирал со боксови неколкупати во главата, по што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт – утврдила полицијата.

Напоредно со ова, полицијата последниве недели спроведува интензивна истрага во која треба да открие дали осомничениот Т. Б. (25) од село Малотино е сторител на едно или на повеќе убиства на жени во Кумановскиот Регион. Тој е осомничен дека во периодот од 27 јануари до 12 февруари, на точно неутврден датум, во селото Челопек, Општина Старо Нагоричане, со умисла и на свиреп и подмолен начин ја убил 78-годишна М. С. Од Челопек. Се сомничи дека влегол во нејзината куќа во која живеела сама и ѝ нанел повеќе удари од кои потоа починала. Но, сега се утврдува дали ја убил и 35-годишната Марија Маринковска, која беше ексухимирана за да се утврди причината за нејзината смрт. Сето ова доволно укажува дека бројот на убиствата во земјава ќе тргне во нагорен тренд.

Односно, дека по годините во кои имаше намалувањето на бројот на убиства, сега се заканува ново зголемување на крвавите биланси. Така, на пример, евиденциите на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2000 година во земјава имало 60 убиства, во 2010 имало 44, а во 2015 година – 15 насилни одземања на нечии животи. Таквиот биланс е значително намален во 2021 година, кога се забележани само осум убиства и во 2022 година кога имало само – шест. Но, потоа, во 2023 година бројката на убиства трикратно се зголемила бидејќи имало 20 случаи, а потоа во 2024 година – 21 случај. За минатата 2025 година податоците сè уште не се објавени.

За психологот Мирјана Јовановска, прашањето за тоа зошто се случуваат убиствата, води кон тоа како одредени личности се справуваат со внатрешни и со надворешни пристисоци.

– Очигледно е дека нешто силно се случува во кај лицата кои вршат убиство, во нивната внатрешна личност, нешто што укажува дека тој не наоѓа друг начин да си го реши појавениот проблем, освен со убиство. Сеедно дали се работи за кавгата со комшијата околу некој имотен спор, кавгата со брачниот другар околу прељубата, расправа со родител или некое друго лице, за тие лица убиството е начин на кој тие го решаваат проблемот. Сите ние имаме проблеми и во семејството и во околината, но не посегнува секој по одземање туѓ живот. Значи, проблемот е зошто овие лица реагираат така екстремно во манирот „го убив, си го решив проблемот“ – наведува психологот Јовановска.

Таа додава дека од случаите станува јасно дека таквите лица не знаат на поинаков начин да ги решаваат проблемите, освен на екстремен начин.

– Најголемиот број луѓе нема да земат нож или пиштол за да си го „решат проблемот“, но тие земаат. Тоа е израз на тотална неподготвеност да се справите со конфликтите. За жал, нивното однесување и можноста да сторат убиство не може однапред да се предвиди. Тој што планира да изврши убиство нема да побара стручна психолошка помош бидејќи тој суров чин за него е оправдан. Проблемите се длабоко во нив и во начинот на нивното однесување, во тоа дека неадекватно се справуваат со надворешните проблеми. И на тоа треба секогаш да се обрнува внимание – нагласува психологот Мирјана Јовановска. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ