среда, јуни 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ПО СКАНДАЛОЗНОТО ОБЈАВУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО НА ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: ...

ПО СКАНДАЛОЗНОТО ОБЈАВУВАЊЕ НА ДОКУМЕНТОТ ЗА СЕМЕЈСТВОТО НА ПРЕМИЕРОТ ХРИСТИЈАН МИЦКОСКИ: Скопје бара Софија да се извини и да утврди одговорност за протекувањето на дипломатската нота

– На средба во МНР беше повикан бугарскиот амбасадор, при што ги изразивме високиот степен на незадоволство и нарушувањето на односите меѓу двете држави преку еден ваков гест и побаравме објаснување од страна на соседна Бугарија како е дојдено до ваков инцидент. Очекуваме не само објаснување туку и една темелна истрага, бидејќи е неприфатливо вакво нешто во меѓусебните односи на две држави – потенцираше денеска македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски

705

Темелна истрага, објаснување и извинување побарало македонското Министерство за надворешни работи од бугарската страна по скандалозното објавување на дипломатската нота со информации за патувањето на членови на семејството на премиерот Христијан Мицкоски во Бугарија. Македонскиот министер за надворешни работи, Тимчо Муцунски, денеска изјави дека ден претходно, на разговор бил повикан амбасадорот на Бугарија во земјава, Жељазко Радуков, од кого било побарано објаснување за случајот. Но, од амбасадорот, ниту од бугарското МНР, не било добиено објаснување за скандалозен случај со кој била загрозена и сигурноста на семејството на премиерот.

Според Муцунски, потегот е апсолутно неприфатлив начин на комуникација меѓу две држави.

– Ние побаравме средба, беше повикан бугарскиот амбасадор во МНР, ги изразивме високиот степен на незадоволство и нарушувањето на односите меѓу двете држави преку еден ваков гест и побаравме објаснување од страна на соседна Бугарија како е дојдено до ваков инцидент. Секако, очекуваме не само објаснување туку и една темелна истрага како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи, ќе повторам, и согласно со меѓународното право, неприфатливо е вакво нешто во меѓусебните односи на две држави, независно од тоа што тие имаат меѓусебни политички тензии. Има држави што војуваат меѓу себе, па не излегуваат ваков тип документи во јавноста – истакна шефот на дипломатијата.

Тој додаде дека особено загрижува тоа што во јавноста излегле лични податоци поврзани со сопругата и со малолетното дете на претседател на влада.

– Кога е во прашање движењето на членовите на семејствата на високи државни функционери, безбедноста е прв приоритет. И на територијата на нашата држава постојано се случува да се движат семејствата на високи странски претставници и самите странски претставници, некогаш и во приватен капацитет, но никогаш не се случило да излезе таков документ во јавноста и доколку би се случило, првиот чекор што би го направил е да ѝ се извинам на таа држава, бидејќи, очигледно, немало доволно висок степен на безбедносен капацитет во рамките на институцијата – потенцира Муцунски.

Тој не посочи директно од каде протекол документот, но, зборувајќи хипотетички, прстот го впери кон бугарското МНР.

– Хипотетички, доколку излезе таков податок од министерство за надворешни, а е поврзан со семејството на претставник на странска држава, јас би се извинил, тоа е чекорот што би го направил како министер. Сè може да се случи, може да се направи грешка во рамките на институција, но јас, како министер, би се извинил доколку се случело такво нешто. Секако, побаравме информација, разговаравме и со нашите стратешки партнери за тоа прашање, бидејќи сме навистина загрижени за несериозноста што доведе до една таква ситуација – рече Муцунски, предупредувајќи за постоење цела една мрежа на портали што шират лажни вести за македонски функционери.

Познато е, случајот излезе во јавноста откако бил објавен дипломатски документ на фејсбук-страницата на бугарската антимакедонска група „Грубовци, Ениџе Вардар – Родна Македонија“. Се работи за дипломатски допис од македонската амбасада во Бугарија со кој таа го информира бугарското МНР дека сопругата на Мицкоски и неговиот помал син ќе престојуваат во Пампорово, Бугарија. Во дописот имало и детали за имињата на членовите на обезбедувањето, возилата со кои патуваат, комуникациските уреди што ги користат и какво вооружување носат со себе. Врзано со ова, премиерот Мицкоски завчера обвини дека се радикализираат односите меѓу двете земји.

– Сигналите што доаѓаат оттаму, не ме прават оптимист. Напротив, сметам дека се радикализира состојбата. Видовме еден преседан во дипломатијата кога излезе дипломатската нота за тридневниот престој на мојата сопруга со мојот помал син кај наши пријатели во Пампорово, нешто што е невообичаена практика во светот на дипломатијата и, можеби, единствена како таква. Замислете сега ние да ги вадиме сите дипломатски ноти што ги испраќаат од нашиот источен сосед и практично во тие дипломатски ноти пишуваат работи што, можеби, исто така, би биле интересни за јавноста – изјави Мицкоски. (Б. Ѓ.)

 

ИЗДВОЕНИ