– Министерството за култура и туризам, преку Владата, е инвеститор на Универзалната сала, по принципот „клуч на рака“, и сумата е околу 20 милиони евра. Завршувањето на реконструкцијата е планирано до декември 2027 година, и конечно, скопјани повторно ќе имаат еден спомен што го имале во минатото, за животот на културата во Скопје, рече министерот Љутков, кој заедно со премиерот Мицкоски и со градоначалникот на Скопје, Ѓорѓиевски, го посетија објектот каде што почна реконструкцијата и направија обиколка на градилиштето на Универзалната сала во Скопје. Премиерот Мицкоски посочи дека очекува Универзална да биде завршена во рамките на рокот и во рамките на предвидениот буџет, а градоначалникот Ѓорѓиевски, пак, им се заблагодари за ангажманот што, по долго време, му ја враќаат душата на Скопје, а тоа, како што рече, е Универзалната сала

– Денес, по долги години административни пречки, стоиме пред почетокот на реконструкцијата на Универзална сала, споменик на културата и традицијата. Универзална сала треба да завршена до крајот на 2027 година и ќе биде дел програмата на Скопје – Европска престолнина на културата 2028, изјави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска го посетија објектот и направија увид во градежните работи на Универзалната сала во Скопје. Како што е познато, неодамна успешно заврши постапката за избор на изведувач, со што се создадени сите услови за почеток на градежните работи.

Министерот за култура, пред новинарите, потсети дека пред стартот на изградбата на Универзална претстоеше пообемен процес со правни и административни пречки околу поделеното стопанисување на салата во минатото помеѓу градот Скопје и Министерството за култура, односно не се знаеше кој е одговорен за неа и во кој дел.

– Кога ги решивме овие пречки, продолживме со целата процедура. Во овој момент, Министерството за култура и туризам, преку Владата, е инвеститор на Универзалната сала по принципот „клуч на рака“ и сумата е околу 20 милиони евра. Завршувањето на реконструкцијата е планирано до декември 2027 година и, конечно, скопјани повторно ќе имаат еден спомен што го имале во минатото, за животот на културата во Скопје, рече министерот.

Во однос на нејзината сигурност, по пожарот кој се случи во 2024 година, Љутков посочи дека се направени неколку испитувања на конструкцијата, од Михаил Гаревски, врвен градежен инженер и професор.

– Првите две испитувања беа нарачани од самиот изведувач, но подоцна некаде, на почетокот на 2025 година, за да бидеме сигурни, имавме уште едно испитување и она што го добивме како резултати, беше дека нема никаква опасност врз челичната конструкција. Тоа уверување го добивме и од експертизата, но и лично од професорот Гаревски. Според експертизата останува истата челична конструкција, бидејќи по пожарот не е оштетена, но има дополнителни мали измени на две-три позиции, додаде Љутков.

За изгледот на Универзалната сала, министерот рече дека, според проектот, се задржуваат структура и ликот на објектот, но има нови материјали и содржини.

– Направени се дополнителни измени и во делот на влезот, на административните канцеларии, потоа, во делот на сценската технологија и хидраулика, така што има многу новитети, еден од поголемите е звучната изолација на самата купола заради станбените објекти во близина, посочи тој.

Премиерот Мицкоски, пак, посочи дека очекува Универзална да биде завршена во рамките на рокот и во рамките на предвидениот буџет.

– Бидејќи проектот „Европска престолнина на културата“, по сите оние застои во минатото, конечно добива некаква динамика, мораме до 2028 комплетно да ги затвориме сите објекти. Така што, еден од тие објекти е и Универзалната сала. Според она што го видов и што го презентираше проектантот, ќе биде навистина прекрасно дело. Но ајде да не зборуваме, што се вели пред време, да го завршиме и потоа сите заедно да се радуваме и уживаме во културните настани што ќе се организираат тука, рече Мицкоски додавајќи дека по сите перипетии од минатото, објектот ќе добие физиономија.

Орце Ѓорѓиевски, градоначалникот на Град Скопје, пак, во име на скопјани, им се заблагодари на Владата и на премиерот, но и на Министерството за култура и туризам и на министерот Љутков, за ангажманот што по долго време му ја враќаат душата на Скопје, а тоа е, како што рече, Универзалната сала.

– Ако во минатото имаше обиди и декларативни ветувања дека некој сака да преземе нешто овде, гледавме само прес-конференции и никаква активност. Владата цврсто влезе во овој процес, за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата“ да добие објект што ќе биде репрезентативен за градот и за државата, и што еден споменик од минатото, по земјотресот, кој буди емоција кај сите скопјани, повторно да биде ставен во функција. Бидејќи овој проект го реализира Владата преку Министерството за култура, ние како Скопје, на крајот, ќе треба го преземеме објектот, но стоиме логистички за сето она што треба следствено да се направи во текот на неговата реализација, изјави Ѓорѓиевски.

Инаку, по рестартирањето на Универзална сала, како што најави Љутков, на почетокот на 2028 година, градот треба да добие современа, функционална и репрезентативна културна институција, простор за врвни концерти, театарски претстави, фестивали и големи културни настани, нешто за што Скопје подолго време е во оскудица, откако објектот беше затворен заради оштетувања во 2015 година. Она што е особено значајно е дека ќе се задржи постојната форма на објектот заради почитување на колективната меморија, што скопјани и македонската јавност ја имаат за Универзалната сала како симбол на меѓународната солидарност за Скопје, по катастрофалниот земјотрес во 1963 година.

Според проектот, Универзална ќе располага со капацитет од 1.200 седишта, а ќе има и нова просторна акустика со современи техничко-технолошки системи, како: HVAC, сценска механика, ЛЕД-осветлување, аудио, видео и електрични инсталации. Предвидени се и нови современи материјали во ентериерот и екстериерот, објектот ќе биде енергетски ефикасен, а е изработено и современо, атрактивно партерно и хортикултурно решение. Универзална сала е симбол на Скопје, со преку 5.000 настани и со повеќе од 5.800.000 посетители досега. (Н. И. Т.) Фото: П. Стојановски

ИЗДВОЕНИ