Македонија има силни потенцијали во земјоделството, прехранбената индустрија, текстилот, дрвната преработка и во ИТ-секторот, но тие сè уште не се доволно претворени во финални производи со повисока додадена вредност. Бизнис-заедницата и експертите предупредуваат дека извозот на суровини и лон- производството мора да се заменат со сопствени брендови и препознатливи производи. Клучот за пробив на странските пазари, велат, е во брендирањето, сертификатите и во дигиталната продажба. Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, за весникот ВЕЧЕР вели дека целото општество треба да се фокусира на креирањето производи со повисока додадена вредност. “Досега сè што е креирано е таканаречена сиромаштија на духот, каде што размислуваме скромно, да купиме поевтино, да добиеме државна субвенција, а не да се оди похрабро во креирањето производи со додадена вредност во секој сектор. Ова е важна тема и насока кон која треба да се стремиме – вели Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР
Македонија има силна основа во земјоделството, производството на храна, особено на традиционални производи со најголем неискористен потенцијал како премиум ајварот, „бутик“ вината и „крафт“ ракиите произведени во помали количини, со повисок квалитет, со посебен стил или приказна и насочени кон премиум пазарот, потоа познатите домашни сирења, медот, овошјето (сурово и сушено), особено она органското. Тука може да се спомене и потенцијалот што го даваше текстилот во минатиот век. Македонија долго работеше лон-производство за странски брендови, но најголема додадена вредност ќе имаме има ако се создаваат сопствени брендови и мало сериско премиум производство. Исто така, земјава изобилува со шуми и со дрво за преработка на мебел, па целиот напор на оние што сè уште се занимаваат со оваа дејност се рачното производство и дизајниран мебел, како добар извозен потенцијал. Не треба да ги заборавиме и билките и природната козметика, ИТ и дигиталните производи, кај кои додадената вредност е многу поголема отколку кај класичното производство.
Но, клучот што ја отвора вратата на пребирливиот извозен пазар се токму создавањето бренд, пакувањето, поседувањето сертификати, креирањето приказна за потекло, онлајн продажба, извоз и финален производ наместо суровина.
Токму во таа насока е размислувањето на премиерот Христијан Мицкоски дека ако сака да има поголем економски раст од сегашниот од над 3,5 %, неопходно е Македонија во наредниот период да се фокусира на производите што генерираат значителна додадена вредност, со цел да се стимулира како бруто домашниот производ така и целата економија на државата.
– Трендот на годишен раст на реалниот БДП над 3,5 % во услови кога расте европската економија под 1 процент, ќе продолжи. Со зацврстување на европскиот пазар, кој претставува наш најзначаен трговски партнер, бидејќи над две третини од нашата економска размена се одвива со ЕУ, очекувам овој раст да се интензивира, а зошто да не, да достигнеме посакувани 4-5, па дури и 6 проценти раст на БДП – истакна Мицкоски.
Според премиерот, Македонија може да ја понуди стратешка локација на странските инвеститори, бидејќи, како што нагласи, земјава е раскрсница на два клучни европски коридори и странските инвеститори можат да ја искористат оваа предност.
– Предност е што може да понудиме искусен и квалитетен кадар, кој располага со знаење, што претставува наша компаративна предност во однос на останатата конкуренција во регионот – истакна Мицкоски.
Стремењето кон привлекување странски инвестиции со повисока додадена вредност, како предуслов за радикално забрзување на економскиот раст, беше во фокусот и на неодамнешниот самит во Скопје „Македонија 2025“. Никица Мојсоска-Блажевски, извршен директор на „Македонија 2025“, рече дека државата треба да го надмине моделот на привлекување инвестиции само преку евтина работна сила и владини субвенции и смета дека треба да се пренасочи фокусот кон технолошкиот развој, дигитализацијата и зелената економија. За да се одржат странските инвестиции, таа нагласува дека земјата мора да ги пресретне потребите на компаниите преку подобрување на образовниот систем.
Коосновачот на „Македонија 2025“, Мајк Зафировски, порача дека Македонија мора да престане да биде земја што постојано се препознава само по својот потенцијал и дека е време да се претвори потенцијалот во конкретни резултати. Тој нагласи дека Македонија треба да се фокусира на факторите што се под нејзина контрола: иновации, создавање силни бизниси, паметна регулатива и зголемување на извозот и посочи дека земјава има потенцијал да привлече странски инвестиции доколку мудро ги искористи своите географски предности.
Зафировски нагласи дека малата македонска економија не може да влијае на глобалните случувања, но може да создаде силна домашна бизнис-клима со паметна регулатива, која ќе го поттикне извозот. Според него, иновациите и примената на новите технологии се клучни за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на компаниите. Зафировски истакна дека земјата мора да се стреми кон забрзување на растот. Според неговите претходни заложби, одржливиот економски раст од над 5 % годишно е остварлив доколку се постави како врвен приоритет.
И бизнисот слично размислува. Претседателот на Сојузот на стопански комори, Горан Ѓорѓиевски, вели за весникот ВЕЧЕР дека целото општество треба да се фокусира на креирањето производи со повисока додадена вредност.
– Треба да се претвориме во општество со додадена вредност. Образованието треба да ни креира кадри за таква намена, а индустријата да произведува производи со додадена вредност. Во едно пазарно општество во кое сите се движиме напред, и компаниите ќе имаат поголем профит и ќе има поголеми плати за вработените. Досега, сè што е креирано е таканаречена сиромаштија на духот, каде што размислуваме скромно, да купиме поевтино, да добиеме државна субвенција, а не да се оди похрабро во креирањето производи со додадена вредност во секој сектор. Ова е важна тема и насока кон која треба да се стремиме – вели Ѓорѓиевски за весникот ВЕЧЕР.
Последните податоци на Народната банка покажуваат дека во 2025 година имало над 700 милиони евра помалку странски инвестиции во однос на 2024 година, кога достигнале исклучително високо ниво од околу 7 % од БДП. За познавачите, ваквите бројки се загрижувачки. Препорачуваат државата прво да ги среди работите дома, а потоа да донесе нова стратегија за привлекување, затоа што постојната не дава резултати.
Од централната банка очекуваат раст на БДП од 3,5 % во 2026 година и негово забрзување, достигнувајќи 3,8 % во 2027 година. Притоа, главен двигател и натаму ќе бидат инвестициите, особено јавните инфраструктурни проекти, како и постепеното закрепнување на надворешната побарувачка. Вкупниот извоз на компаниите од технолошко-индустриските зони за првиот квартал од годинава е зголемен за 11 % во однос на истиот период лани, што дава надеж дека би можеле да се остварат проекциите за раст на економијата.
(С. Бл.)












