По повод 2 Август – Денот на Републиката, претседателката на државата Гордана Сиљановска Давкова донесе одлука за помилување на 25 осудени лица. На шестмина целосно им е простен неиздржаниот дел од затворската казна, додека на останатите 19 осуденици казните им се делумно намалени. Помилувањата традиционално го привлекуваат вниманието на јавноста, особено кога станува збор за прашањата кој може да побара помилување, кој ги разгледува барањата и според кои околности претседателот одлучува кому ќе му биде простена или намалена казната.
Постапката е утврдена со Уставот и Законот за помилување. Претседателот на Републиката е единствениот носител на правото на помилување, но одлуката не се носи без претходно спроведена постапка. Во процесот значајна улога има Комисијата за помилување, советодавно тело кое ги разгледува барањата и до претседателот доставува мислење, односно предлог за постапување по конкретните предмети.
Постапката може да започне со барање поднесено од осуденото лице, член на неговото семејство или друго овластено лице, согласно законските услови. Потоа се прибираат податоци и документација поврзани со осуденикот, меѓу кои и неговото однесување во текот на издржувањето на казната, мислења од надлежните институции и други околности што можат да бидат релевантни за одлучувањето.
Комисијата ги разгледува предметите и своето мислење го доставува до претседателот. Сепак, нејзиниот став има советодавен карактер, што значи дека конечната одлука ја носи претседателот на Републиката. Тоа во пракса значи дека претседателот не е правно обврзан да го прифати предлогот или мислењето на Комисијата, туку самостојно одлучува дали ќе даде целосно или делумно помилување, или ќе го одбие барањето.
Kога станува збор за јавноста на постапката, институциите вообичаено ги објавуваат имињата на помилуваните лица, видот на помилувањето и основните податоци за донесената одлука. Деталните образложенија, личните околности, здравствените податоци или другите информации од предметите, пак, не се објавуваат, бидејќи се заштитени со прописите за заштита на личните податоци и не се дел од јавниот акт.
Токму затоа, јавноста најчесто добива информација колку лица се помилувани, дали помилувањето е целосно или делумно и за кој дел од казната се однесува одлуката, додека индивидуалните причини поради кои е донесена секоја одлука остануваат дел од службената постапка.
Илинденските помилувања се долгогодишна практика во македонскиот правен систем. Иако секоја година бројот на помилувани лица и околностите се различни, постапката останува иста: барање, разгледување од Комисијата за помилување и конечна одлука на претседателот на Републиката, кој го има последниот збор во користењето на ова уставно овластување.












