Земјоделците бараат воведување модел за полесно пензионирање и пренесување на стопанствата за да се спречи згаснување на фармите и намалување на домашното производство на храна. Предлогот предвидува постарите земјоделци да добијат можност за пензионирање, а младите наследници финансиска поддршка за преземање и продолжување на производството. Според земјоделските претставници, ваквата мерка би можела да помогне во задржувањето на младите во руралните средини и во зачувувањето на обработливото земјиште

 

Како да се обезбеди наследување на фармите, да се спречи нивното распарчување и да им се овозможи на младите полесно да почнат со земјоделска дејност? Ова прашање сè повеќе добива на значење во европските земјоделски политики.

Во рамките на предлозите за новата земјоделска политика на ЕУ се разгледува и воведувањето еднократни финансиски бонуси до 50.000 евра за земјоделците што ќе ги предадат своите стопанства на млади производители. Некои европски земји веќе применуваат различни модели на финансиска поддршка за генерациска обнова во земјоделството. Словенија и Хрватска, на пример, имаат механизми со кои се поттикнуваат пренесувањето на земјоделските стопанства на помлади членови и продолжувањето на производството. Целта е постарите земјоделци да добијат можност за пензионирање, а младите да преземат и да ги развиваат постојните фарми.

Ова е особено важно и за Македонија, која се соочува со стареење на земјоделската работна сила, иселување на младите од руралните средини и со предизвици во одржувањето на домашното производство на храна. Без навремени мерки за поддршка и полесно пренесување на фармите од една на друга генерација, постои ризик дел од стопанствата да останат без наследници, дополнително да се намали производството, а руралните средини да го загубат својот производствен потенцијал.

Од Националната земјоделска мрежа сметаат дека треба да се воведе ваков модел и кај нас, со што би се овозможило постарите земјоделци да заминат во пензија, а фармите да продолжат да функционираат под водство на помлади производители.

– Земјоделците може да одат во пензија на 55 години доколку ја отстапат фармата или земјоделското стопанство на помлад член. Со тоа, земјоделците добиваат пензија, а земјоделското стопанство еднократна помош од 50 илјади евра. Во Словенија и во Хрватска веќе се применува овој модел и на тој начин се стимулираат помладите да ја преземат земјоделската дејност од постарите. Ние ќе бараме да се воведе ваков модел кај нас за да не згасне производството на храна и за да не исчезне земјоделството – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.

И постарите земјоделци сметаат дека државата треба да најде начин да ги мотивира младите да останат во земјоделството и да ги преземат семејните стопанства. Во спротивно, предупредуваат, фармите ќе се затвораат, а обработливото земјиште ќе остане неискористено.

– Двете деца ми заминаа во странство, да работат на некои други имоти. Дадов многу пари за земјоделска механизација, но џабе кога нема кој да работи. Младите видоа дека нема заработка во земјоделството и затоа заминуваат надвор од државата. Со овие цени, нема заработка, пченицата се откупува по 10 денари, јачменот по 9, а млекото од 36 падна на 25 денари за литар – изјави за ВЕЧЕР Митат Исмаиловски, земјоделец од Пелагонија.

Тој смета дека досегашните мерки не успеале да ги мотивираат младите да се вратат од градовите во селата и дека само финансискиот бонус за наследување фарма не е доволен доколку не се обезбеди економска исплатливост на производството.

– И 50 илјади евра за наследување фарма не се доволни затоа што нема перспектива и нема заработка во земјоделството. Поради тоа, последниве години драстично е намалено земјоделското производство. Гледате, во маркетите сè е од увоз – млечни производи од Бугарија и од Србија, пиперки и домати од Албанија и од Грција, грав, ориз… Едно време Македонија беше извозник на овие производи, а сега ги увезува – вели Исмаиловски.

Генерациската обнова во земјоделството не може да се постигне само со еднократна финансиска помош туку бара и поширока, долгорочна стратегија. Поддршката за пренесување на фармите треба да биде проследена со мерки што ќе обезбедат сигурен пласман, реални откупни цени, пристап до финансии и услови за рентабилно производство. Во спротивно, и највисоките субвенции нема да бидат доволен мотив младите да останат на село и да се занимаваат со земјоделство. Прашањето не е само кој ќе ги наследи фармите  туку и дали ќе имаат тие економска иднина. Од тоа ќе зависи и колку ќе успее Македонија да го зачува домашното производство на храна и да ја намали зависноста од увоз.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ