Работата во смени, тешките услови и стареењето на работната сила ја намалуваат атрактивноста на индустриските сектори, предупредуваат синдикатите и работодавачите. Иако, во дел од индустриите, платите значително пораснаа, работници нема. Најпогодени се мелничко-пекарската индустрија, тешката индустрија и рударството. Според податоците од здруженијата, платите во пекарската индустрија достигнуваат и до 1.000 евра, додека во рударството можат да се искачат и до 2.000 евра, во зависност од работното место и од квалификациите. Во другите индустриски гранки, платите се движат од околу 500 до 600 евра, со тенденција на постепен пораст во последните години
Иако платите во дел од индустриите значително пораснаа, недостигот на работна сила останува еден од најголемите економски предизвици. Во неколку сектори, работодавачите се соочуваат со сериозни тешкотии да најдат и да задржат вработени, и покрај тоа што просечните плати достигнуваат околу 1.000 евра. Најпогодени се мелничко-пекарската индустрија, тешката индустрија и рударството. Овие гранки со години бележат континуирано зголемување на платите, но сепак остануваат неатрактивни за помладата работна сила. Главните причини се поврзани со работата во смени, со физичките напорни услови, како и со специфичната организација на работниот процес, која бара постојана достапност и ангажман. Според податоците од здруженијата, платите во пекарската индустрија достигнуваат и до 1.000 евра, додека во рударството можат да се искачат и до 2.000 евра, во зависност од работното место и од квалификациите. Во другите индустриски гранки, платите се движат од околу 500 до 600 евра, со тенденција на постепен пораст во последните години.
– Кадарот е најголемиот проблем во нашата индустрија бидејќи, едноставно, нема кој да работи. Просечната возраст на вработените пекари е над 58 години, а младите сè помалку се заинтересирани да ја изберат оваа професија. Поради ваквиот недостиг на работна сила, принудени сме постојано да ги зголемуваме платите. Во моментов, платите за мајстор за бурек и за производство на бели печива се движат од 50.000 до 60.000 денари, додека останатите вработени во пекарската индустрија имаат повеќе од 40.000 денари нето-плата, што е над просечната плата во државата. И покрај тоа, интересот за работа останува низок, особено кај помладите генерации. Дополнителен проблем претставуваат и високите трошоци за придонеси, кои изнесуваат околу 50 отсто од бруто-платата. Тоа значително го оптоварува работењето на компаниите, особено во споредба со земјите од регионот, каде што придонесите се значително пониски и се движат од 15 до 30 отсто. Неопходно е да се разгледа можноста за нивно намалување, со цел да се олесни работењето и да се стимулира вработувањето, изјави Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија, за весникот ВЕЧЕР.
Според него, една од клучните причини за повисоките трошоци за работна сила во оваа индустрија е работата во смени. Третата смена значително ја зголемува цената на трудот, бидејќи се плаќа дополнително, во согласност со законските одредби и со колективните договори. Работниците добиваат повисоки дневници и за работа во недела и за ангажман за време на празници, што дополнително ги зголемува вкупните трошоци за плати во секторот.
Од Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство посочуваат дека, и покрај континуираниот пораст на платите на месечно ниво, недостигот на работна сила останува сериозен проблем. Според нив, причината не е само во висината на примањата, туку и во природата на работата и условите.
Оттаму велат дека младите сè помалку се подготвени да работат во систем на три смени и стандардно осумчасовно работно време во индустрии што бараат постојан физички ангажман. Токму поради тоа, секторите како индустријата, енергетиката и рударството сè почесто се соочуваат со недостиг на кадар и тешкотии во пополнување на работните места.
Синдикатот предупредува дека без подобрување на условите за работа и поголема мотивација за младите, овие гранки ќе продолжат да кубурат со работна сила, и покрај зголемувањето на платите.
– Од почетокот на годината, платите во дел од компаниите се зголемени линеарно за околу 5.000 денари, а во некои компании има и месечен пораст од околу 3,5 отсто. Така на пример, во „Бучим“ во Радовиш, платите се зголемени за околу 20 отсто – од кои 10 отсто се однесуваат на фиксниот дел, а околу 8 отсто на варијабилниот дел од платата. Во моментов сме во фаза на преговарање и потпишување на колективни договори со дел од компаниите, со што се предвидува дополнително зголемување на платите за околу 10 отсто. Сепак, и покрај овие зголемувања, кои во просек достигнуваат од 55.000 до 60.000 денари, зависно од компанијата, сè уште има сериозен проблем со недостиг на работна сила. Во некои компании има отворени работни позиции, но нема доволен број кандидати кои аплицираат за тие работни места“, изјави Игор Герасов, претседател на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство за весникот ВЕЧЕР.
И покрај тоа што платите во индустријата и рударството се оценуваат како добри и во континуиран пораст, тие сепак не се доволен мотив за привлекување на млади работници. Тешките услови за работа, смените – особено третата смена, осумчасовната физичка ангажираност, како и ограничената слобода и изолацијата од надворешното опкружување, значително влијаат врз интересот за овие професии. Дополнително, обврската за носење заштитна опрема и специфичната природа на работните задачи ја намалуваат атрактивноста на овие сектори. Сето тоа укажува дека, покрај платата, клучен фактор за недостигот на работна сила се и работните услови.
(А. С.)












