| АРМИСКИТЕ ОБЈЕКТИ ВО ОБЈЕКТИВ ДОДЕКА АРМ Е НА ТЕСТ ЗА НАТО-СТАНДАРДИ |
Неовластеното снимање и влегување во воените објекти на македонската Армија во изминативе десетина дена, стана причина за приведување на повеќе лица. Полициските билтени покажуваат дека најчесто се работело за снимања со мобилни телефони, но имало и случај во кој било употребено и беспилотно летало. Сторителите биле македонски, но и странски државјани, а во некои случаи, снимките биле споделувани и на социјалните мрежи. Сето ова го отвора прашањето за мотивите на ваквите дела, кои се казниви со Кривичниот законик. Односно, дали се работи само за нечиј предизвик да се објават „ексклузивните“ снимки на армиските објекти и борбена опрема или, пак, за постапки кои имаат и други заднини? Неколкуте случаи се откриени токму во периодот кога македонската Армија започнува со најголемата вежбовна активност годинава, „Блесок 2026“, со која се тестира подготвеноста на нашите армиски единици во однос на исполнувањето на стандардите на НАТО.
Полициските органи неодамна соопштија за неколкуте случаи во кои лицата биле преведени поради прекршувањето на законската забрана. На 16 април, 21-годишно момче од Неготино било приведено откако било осомничено за сторено кривично дело неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства.
– Со лицето Д. К., на возраст од 21 година од Неготино, во ОВР Неготино е извршен службен разговор поради основи на сомневање за сторено кривично дело неовластено влегување во воени објекти и правење скици или цртежи на воени објекти и борбени средства, казниво по член 350 од Кривичниот законик, односно дека во армискиот полигон Криволак ги имал снимено и фотографирано возилата во конвој на АРСМ и ги објавил јавно на платформа на социјална мрежа, со што ја нарушил безбедноста и тајноста на активностите што ги реализира Армијата – соопштија од СВР – Велес, наведувајќи дека против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Шест дена претходно, на 10 април, СВР Тетово поднесе кривична пријава против А. Ш. (61) од с. Студеничани, Скопско, поради постоење основи на сомнение за истото кривично дело. Според информациите од полицијата, пријавениот работел како возач на автобус во фирма ангажирана од Министерството за одбрана за организиран меѓугарнизонски превоз, при што на 17 февруари годинава, влегол во кругот на касарната во Тетово.
– Во кругот на касарната во Тетово направил три видеозаписи, кои подоцна ги споделил преку мобилна апликација – стои во полицискиот извештај.
На 6 април, пак, полицијата приведе двајца Холанѓани во Скопје.
– Во 23:05 часот во Скопје, поточно, во близина на касарна Илинден, од страната на аквадуктот, полициски службеници од СВР Скопје ги лишија од слобода А. В. Д. Б. (50) и Ј. Л. (63), двајцата од Холандија, по претходна пријава дека неовластено извршиле снимање беспилотно летало, кое им било одземено заедно со други предмети. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок – објави тогаш полицијата.
Напоредно со ова, имаше и случај во кој неколку лица закачиле туѓо знаме на заштитната ограда од тетовската касарна „Кузман Јосифовски – Питу“. По интервенција на одговорното лице од објектот, лицата го отстраниле знамето и заминале, а полицијата работи на расчистување на случајот.
Очигледно, армиските објекти и воената опрема како се повеќе да стануваат цел на активности чија заднина треба да се истражи. Според воено-безбедносниот аналитичар и новинар, Александар Србиновски, со ваквите снимања се прекршува членот 350 од Кривичниот законик, кој за вакви дела предвидува парични казни или, пак, затворски казни од до една или до три години затвор.
– Тоа значи дека и самото снимање – без разлика дали е со мобилен телефон или со беспилотно летало и без докажана намера – веќе претставува кривично дело, што ја објаснува конзистентната реакција на полицијата. Користењето дронови отвора дополнителна правна димензија. Бидејќи кај нас летањето и снимањето со дрон не е слободна активност. Во зависност од категоријата, потребна е регистрација на операторот и на леталото, како и почитување на строго дефинирани зони на забрана. Особено чувствителни се воените објекти и критичната инфраструктура, каде што снимањето без претходно одобрение не е дозволено и може да доведе не само до прекршочна, туку и до кривична одговорност – објаснува Србиновски во изјавата за весникот ВЕЧЕР.
Тој додава дека од безбедносен аспект, институциите имаат ограничен простор за толеранција.
– Во услови на зголемени геополитички тензии и хибридни закани, дури и навидум „наивни“ снимки можат да имаат разузнавачка или пропагандна вредност, особено ако се објавуваат јавно. Сепак, доколку се утврди дека дел од овие случаи не се тенденциозни, туку произлегуваат од незнаење, тогаш, потребата од поактивен пристап на институциите станува очигледна. Јавни информативни кампањи, особено на социјалните мрежи и на платформите како „Јутјуб“, каде што младите, но и странските државјани најчесто објавуваат вакви содржини, би имале значаен превентивен ефект преку јасно објаснување што е дозволено, а што претставува прекршок или кривично дело. Оттука, овие случаи најреално се објаснуваат како комбинација од незнаење и потенцијален безбедносен ризик, што бара двоен пристап – доследна примена на законот, но и системска едукација на јавноста – нагласува аналитичарот Александар Србиновски. (Б. Ѓ.)
Стартува вежбата „Блесок 2026“
На армискиот полигон Криволак и во неколку касарни во земјава, започна тактичка теренска вежба со боеви гаѓања на македонската Армија „Блесок 2026“, која ќе трае до 27 април. Нејзината главна цел е демонстрирање и согледување на нивото на борбената подготвеност на Лесната пешадиска баталјонска група со околу 1.500 припадници на Армијата на РСМ како НАТО-декларирана единица. На вежбата, ќе се применуваат Стандардите за оценување на копнени команди и единици на Здружената команда за операции на НАТО.
На неодамнешниот брифинг во Генералштабот на македонската Армија беше кажано дека по оваа вежба се очекува нашата Лесна пешадиска баталјонска група да стане „mission capable“, односно „способна за мисија“ и за извршување широк спектар на копнени операции предводени од НАТО.
– Ова ќе биде првпат оваа баталјонска група да добие таков статус. Со тоа ќе ѝ бидеме на располагање на Здружената команда на НАТО. Во моментов, немаме најава за користење на овие наши сили во рамките на некоја планирана активност. Баталјонската група ќе се тестира и за тоа дали има капацитет и за понезависни операции – нагласи началникот на Генералштабот, генерал-мајор Сашо Лафчиски.












