Западнонилската треска годинава бележи најголем пораст во Македонија откако е првпат регистрирана во неа. До 8 септември се евидентирани 58 случаи, а осум лица починале, стои во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со вирусот. За споредба, во целиот период од 2011 до крајот на 2025 година биле регистрирани 54 потврдени случаи и пет смртни исходи. Тоа значи дека само годинава се регистрирани 58 од вкупно 112 случаи евидентирани во Македонија од појавата на болеста, односно повеќе од половина од сите случаи во последните 15 години се случиле во 2026 година.
Најпогоден е Скопскиот Регион. Од 58-темина заболени, 55-мина се жители на Скопје, а по еден случај има во Велес, Куманово и во Свети Николе. Вирусот најмногу се шири во Кисела Вода и во Гази Баба, а случаи се регистрирани и во други скопски општини и во околните населени места.
Особено загрижува податокот што кај 56-мина од 58-мина пациенти болеста го зафатила нервниот систем, поради што сите тие биле хоспитализирани. Најчесто станува збор за воспаление на мозокот или на мозочните обвивки. Од хоспитализираните, 43 пациенти се испишани, петмина сè уште се лекуваат, а осуммина починале. Просечното лекување кај испишаните и починатите траело 14 дена. Сите осуммина починати биле мажи од Скопје, со просечна возраст од 71,9 години. Најмладиот имал 62, а најстариот 83 години. Кај седуммина од нив имало и други здравствени проблеми.
Најголемиот број заболени се разболеле во август. Кај 38 лица, или 65,5 проценти од сите случаи, симптомите почнале токму во овој месец. Кај 17 лица, симптомите почнале во јули, два случаи се од јуни, а првиот регистриран случај годинава имал симптоми уште во мај. ИЈЗ оценува дека значително се зголемил бројот на заболени во јули и во август, при што најголема концентрација има во Скопскиот Регион. Особено се издвојуваат Кисела Вода, со најголем број случаи, и Гази Баба. Во последните две недели, сепак, се појавуваат случаи и во други скопски општини, но и во Куманово и во Свети Николе. Според местото каде што пациентите, најверојатно, биле изложени на комарци, најмногу случаи се поврзуваат со Кисела Вода – 13, Гази Баба – 11, Бутел – 7 и Аеродром – 5. Сепак, ИЈЗ нагласува дека ова се податоци за веројатното место на изложеност и не значи дека е потврдено дека токму таму се заразило лицето.
Дополнителен сигнал дека циркулира вирусот во животната средина е неговото откривање кај умрени птици. Агенцијата за храна и ветеринарство од крајот на август го засили надзорот, а досега вирусот е потврден кај три пцовисани гаврани – два пронајдени во Скопје и еден во Ресен.
ИЈЗ препорачува засилена контрола на комарците, но и граѓаните да преземат мерки за заштита. Најважно е да нема застојана вода во дворовите – во саксиите, кантите, бурињата, старите гуми и другите садови каде што може да се собира дождовница. Треба редовно да се чистат олуците, базените и фонтаните, а да се одржуваат и местата покрај каналите и другите водни површини. За лична заштита, се препорачува облека што покрива што поголем дел од телото, заштитни мрежи на прозорците и на вратите и употреба на средства против комарци. Треба да се избегнува и престој на отворено во зори и самрак, кога се најактивни комарците. Од ИЈЗ предупредуваат дека не може однапред точно да се предвиди ширењето на вирусот, па треба да продолжи заштитата од убоди додека трае активноста на комарците.
Во европски рамки, до 3 септември биле регистрирани 1.086 случаи во 15 земји, а Македонија, според истиот европски пресек, била пријавена со 55 случаи. Националните податоци во меѓувреме се зголемиле на 58 случаи, заклучно со 8 септември. (П. А.)












