
Новиот дигитален граничен систем на Европската Унија, ЕЕС, кој треба да ги замени печатите во пасошите со база на податоци со биометриски информации, по четири години одложување стапи на сила на 10 април и оттогаш патниците се соочуваат со долго чекање за скенирање на лицето и за отпечатоци од прсти. Тоа е последниот во низата проблеми на ЕЕС за кои претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, призна овој месец дека има нерешени „технички проблеми“ и дека „сè уште е потребна многу работа“, пишува бриселски „Политико“.
Но, долгите редици не се единствениот проблем. Се случи еден необичен настан кон крајот на мај, кога беше приведена Британка, вработена во „Политико“, на аеродромот „Клуж-Напока“ во Романија, на враќање кон Велика Британија. Граничните власти ја обвинија дека престојувала во Шенген- зоната подолго од дозволеното, бидејќи системот покажал дека не е евидентирано нејзиното претходно излегување од зоната. Проблемот се појавил кога ја регистрирал системот посетата на Амстердам во април. Но,таму не била таа, туку нејзината сестра близначка. Жената им објаснила на граничните службеници дека има сестра близначка, но првично била осомничена дека го користи нејзиниот пасош. По околу 15 минути испрашување, ѝ било дозволено да го продолжи патувањето.
Експертите велат дека е можно системот да ги смешал двете жени врз основа на сличноста на биометриските податоци, додека граничните власти, можеби, направиле уште една грешка со тоа што не ги провериле сите достапни податоци, вклучувајќи ги пасошот и отпечатоците од прсти. Професорката по киберполитика на Универзитетот во Луксембург, Ниови Вавула, проценува дека е можно проблемот да настанал во Амстердам, при регистрацијата на излез и при неправилната контрола во Романија. Таа изјавила дека патниците не треба да се идентификуваат само врз основа на фотографија од нивното лице туку и со користење други податоци.
Европската комисија соопшти дека не коментира за поединечни случаи, но изјави дека земјите членки се одговорни за податоците внесени во системот и дека патниците имаат право да побараат корекција на личните податоци доколку сметаат дека се неправилно обработени.











