Платформата се состои од веб-сајт на кој се прикажуваат наодите за птиците и андроид апликација што се користи како алатка за собирање на податоците. Во моментов преку неа се евидентирани 287 видови птици. Како најнови видови од почетокот на оваа година се забележани големиот црноглав галеб, белочелната гуска и златното блатарче, додека египетската гуска и големиот славеј првпат се регистрирани во Македонија

 

Интернет-платформата ptici.mk, која ја одржува Македонското еколошко друштво (МЕД), за неполни две години собра над 34.000 податоци за видовите птици во Македонија од 30 активни корисници.

Платформата се состои од веб-сајт на кој се прикажуваат наодите за птиците и андроид апликација што се користи како алатка за собирање на податоците. Во моментов преку неа се евидентирани 287 видови птици. Како најнови видови од почетокот на оваа година се забележани големиот црноглав галеб, белочелната гуска и златното блатарче, додека египетската гуска и големиот славеј првпат се регистрирани во Македонија.

Биологот-орнитолог и заменик-директор на МЕД, д-р Методија Велевски, вели дека се задоволни од досегашните резултати од користењето на оваа современа алатка за прибирање податоци за птиците на целата територија на државата.

– Досега има над 34.000 податоци и 30 активни корисници. Благодарение на работата на апликацијата, се зголеми бројноста на видовите, а истовремено се регистрираа ретки птици. Значајно е дека ptici.mk е интегриран во европскиот портал на птици. Исто така, за сите волонтери што се пријавија правиме обука за набљудување, бидејќи корисникот треба да знае што внесува. Во моментов имаме десетина луѓе што се доброволци – истакна Велевски.

На платформата ptici.mk е наведено дека таа служи за поддршка на зголемениот број набљудувачи на птици, односно за унапредување на граѓанската наука, со користење модерни алатки за собирање и обработка на податоците. За набљудувачите е потребно и одредено предзнаење, односно апликацијата не е наменета за апсолутни почетници, иако и ним ќе им го олеснува навлегувањето во светот на птиците, се вели на веб-страницата.

– За почетниците препорачуваме „старомоден“ пристап, со користење теренски бележник, барем додека не ја совладаат идентификацијата на најчестите видови птици. Неопходна алатка за запознавање на птиците е теренскиот водич, во дигитална или, подобро, во печатена верзија, во кој, освен што ќе гледате цртежи и фотографии, ќе се обидувате да ги пронајдете најсличните со „вашата“ птица. Има и текстови што ќе треба да ги прочитате, со време и да ги запаметите – наведуваат авторите на платформата.

Данка Узунова, проектен координатор во МЕД, вели дека најмногу корисници на апликацијата се од главниот град, но, сепак, се прибираат податоци од цела држава.

– Апликацијата ptici.mk бележи стабилен раст на корисниците, кои секојдневно внесуваат податоци за набљудуваните птици од различни локалитети во Македонија. Иако најголемиот број активни корисници се од Скопје и неговата околина, платформата постепено се користи и во други региони – објаснува Узунова.

Платформата ptici.mk ја одржува МЕД, преку фондот „Sigrid Rausing“, а како дел од проект кофинансиран од Европската Унија.

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ