Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, стана хит на социјалните мрежи откако го изведе популарниот танц гриди по победата на трката за Големата награда на Мајами.

Сè започна на почетокот од неделата, кога се сретна Австралиецот со ѕвездата на НФЛ, Џастин Џеферсон од редовите на Минесота викингс. Во таа пригода, двајцата се согласија дека доколку победи Пјастри на неделната трка, што воедно и се случи, ќе мора да го изведе танцот што го направи Џеферсон познат во светот на американскиот фудбал.

Иако во саботата сите помислија дека облогот е речиси недостижен, бидејќи стартуваше од четвртата позиција, сепак, Пјастри ја извозе трката совршено и ја освои третата последователна победа во сезоната, вкупно четврта. На крајот, тој не го заборави ветувањето што му го даде на Џеферсон.

Веднаш по излегувањето од болидот, во зоната „parc fermé“,се обиде да го изведе познатиот танц пред камерите.

  • Тоа беше гриди обид. Како што можете да видите, лошо изведен. Во четвртокот се сретнав со Џастин Џеферсон, кој практично го направи гриди светски познат и се обложив со него дека ако победам, ќе го направам тоа за него – објасни Пјастри.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by FORMULA 1® (@f1)

Џеферсон беше меѓу првите што реагираа на видеото и веднаш го објави на платформата X.

  • ОСКАРРР, ОДИМЕЕЕ! – напиша играчот на Минесота викингс.

Интересно е што двајцата се дружеле неколку дена претходно, на стадионот „Хард-рок“ во Мајами.

Инаку, Пјастри го зголеми своето водство во генералниот пласман, сега има 131 бод, 16 повеќе од второпласираниот Ландо Норис, додека Верстапен е трет со 99 бода.

Следната трка е Големата награда на Емилија Ромања, која ќе се вози за две недели, на патеката „Имола“ во Италија.

ИЗДВОЕНИ