Повеќе од 12 години по страшната скијачка несреќа на Михаел Шумахер на француските Алпи, пилотот на хеликоптерот што учествувал во неговото спасување откри досега непознати детали за драматичните моменти од декември 2013 година.
Јаник Даинезе, пилот во хеликоптерската служба „ САФ Хеликоптер“, првпат подетално проговори за спасувачката акција и откри дека уште пред полетувањето знаел дека станува збор за легендарниот седумкратен шампион во Формула 1. Поради огромното внимание што го привлекуваше Германецот, веднаш биле преземени посебни мерки за заштита на неговата приватност.
На членовите на екипажот им било наредено да ги отстранат микрофоните и камерите „гопро“, со цел да се спречи какво било снимање што подоцна би можело да протече во јавноста. Дополнително, местото на несреќата било обезбедено, а на присутните им било оневозможено да фотографираат или да снимаат.
Пилотот откри дека во текот на летот до Универзитетската болница во Гренобл, кој траел околу 25 минути, во хеликоптерот владеела целосна тишина. Сите биле максимално концентрирани на своите задачи.
- Внатрешно, се разбира, чувствував притисок. Луѓето го обожаваа како бог, иако јас самиот не сум љубител на Формула ѝ – раскажа Даинезе.
Колкаво внимание предизвика несреќата сфатил дури при втората посета на болницата, кога затекол огромна толпа луѓе, автобуси и црвени знамиња. Болничкиот комплекс, според неговиот опис, изгледал како вистинска патека за Формула 1.
Шумахер доживеа тешка несреќа на 29 декември 2013 година, во Мерибел и оттогаш неговото семејство строго ја чува неговата приватност. Неговата здравствена состојба останува една од најголемите непознати за јавноста.
Случајот повторно привлече внимание и по обидот за уцена на семејството Шумахер во Германија, кога беа осудени тројца мажи поради обид да изнудат пари со закана дека ќе објават приватни снимки поврзани со легендарниот возач.











