среда, октомври 14, 2026
Дома КУЛТУРА „Петокрака и шестокрака“ изложба за Евреите од Македонија во НОВ во Меморијалниот...

„Петокрака и шестокрака“ изложба за Евреите од Македонија во НОВ во Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје

15

Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија во Скопје, утревечер (15 октомври) во 19 часот, ќе биде отворена изложбата „Петокрака и шестокрака – Евреите од Македонија во НОВ“. Автор на изложбата е м-р Жаклина Мучева.

Изложбата претставува сеопфатен и длабоко емотивен историски приказ за улогата, придонесот и жртвата на Еврејската заедница од Македонија во Народноослободителната борба за време на Втората светска војна.

Преку архивска граѓа, автентични документи, фотографии, прогласи и лични сведоштва, предмети, оваа поставка го осветлува преплетот меѓу двата клучни симбола на оваа епоха: шестокраката — вековниот симбол на еврејскиот идентитет, традиција, но и на суровото страдање под нацифашистичкиот режим, и петокраката — симболот на отпорот, антифашизмот, социјалната правда и слободата.

Во фокусот на изложбата се поединците. Изложбата ги оживува биографиите на храбрите борци Евреи од Македонија и оние кои дојдени тука се бореа за слобода. Главната порака на изложбата е зачувување на колективното сеќавање за една генерација чиј непокор, визија и храброст се вградени во темелите на современата македонска слобода.

Посетителите можат да ја видат изложбата на вториот кат во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, а ќе трае до средината на декември. Влезот е слободен.

Изложбата е проект на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, а финансиски е поддржана од Министерството за култура и туризам.

ИЗДВОЕНИ