среда, октомври 14, 2026
Дома СВЕТ САД и Европа коваат заеднички план за завршување на војната меѓу Русија...

САД и Европа коваат заеднички план за завршување на војната меѓу Русија и Украина

1
EPA/SERGEY KOZLOV

Мировниот пaкет што се подготвува содржи четири фундаментални столба: обнова на Украина, безбедносни гаранции, економска интеграција на Русија, Украина и Европа преку енергетски договор, Русија да ја задржи контролата врз територијата што моментално ја окупира, вклучувајќи го и спорниот Донбас

Најдобар доказ за воените успеси на Украина може да биде промената во ставот на американскиот претседател, Доналд Трамп. Пред повеќе од 18 месеци, тој го нарече претседателот Володимир Зеленски слабак без преговарачка моќ, а сега протестира против неговите разорни напади врз руските рафинерии, пишува уредникот на „Вашингтон пост“, Дејвид Игнатиус, во својата колумна.

Минатиот викенд, континуираната нетолеранција на Трамп кон Зеленски кулминираше со договор за дизел-гориво со Москва. Со тој потег, тој директно го поткопа законот за санкции против Русија, кој самиот неодамна го потпиша. Белата куќа сега се заканува со уште полош потег – прекинување на клучната разузнавачка поддршка за Киев, што еден европски дипломат призна дека би било „тешко да се компензира“, наведува „Вашингтон пост“.

Сепак, како и многу од испадите на Трамп, овој последен конфликт околу Украина крие нешто што може да биде многу поважно: САД и Европа полека се согласуваат за заеднички мировен предлог. Дипломатските напори се интензивираа минатиот петок, на шестчасовен состанок во Флорида, организиран од американските пратеници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, на кој присуствуваа украински функционери и претставници на Велика Британија, Франција и на Германија. Како услов за американската мировна иницијатива, Трамп го постави тоа Украина и Русија да престанат со бомбардирањето на рафинериите.

Ова е лесно прифатливо за Русија, бидејќи украинските напади веќе сериозно ја оштетија нејзината најголема рафинерија. За Украина, сепак, ова би значело откажување од едно од најсилните оружја. Американски функционер запознаен со преговорите вели дека преговарачите го повториле тоа барање најмалку шестпати во последните неколку месеци, додека цените на дизелот растат. Следуваше предвидливо сценарио: Зеленски го отфрли барањето, а Трамп склучи договор, со јасна политичка цел за намалување на цените на дизелот пред изборите за Конгресот. Зеленски ја нарече одлуката на Трамп „слаба“, а Трамп се закани дека ќе ја прекине соработката со разузнавањето.

Според американскиот функционер, пакетот би имал четири фундаментални столба. Пораката до Путин би била јасна: не треба само да ја завршиме војната со Украина туку и да склучиме економски и безбедносен договор со Европа што ќе ја врати стабилноста во регионот по постојаната ескалација.

Првиот столб од мировниот пакет е обнова на Украина. Друг клучен дел се безбедносните гаранции. Украина ќе добие ветување од САД и од европските земји дека ќе интервенираат воено доколку Русија повторно нападне, што американскиот функционер го опиша како еквивалент на членот 5 на НАТО. Тој додаде дека Русија, исто така, ќе преговара за договори со Европа што ќе ја решат нејзината безбедносна загриженост, иако не е сосема јасно што точно би подразбирало тоа.

Третиот столб е економска интеграција на Русија, Украина и Европа преку енергетски договор. Една од идеите е гасовод што би испорачувал руски нафта и гас до Европа, при што Украина и Русија би го делеле профитот. Последниот дел од договорот ќе биде најтежок за прифаќање. Русија, која ја почна војната со цел да ја освои цела Украина, би требало да се согласи за прекин на огнот по сегашната линија на фронтот или „линија на контрола“, како што ја нарекуваат преговарачите. За Украина, ова би значело дека Русија ја задржува контролата врз територијата што моментално ја окупира, вклучувајќи го и спорниот Донбас. Проблемот е што е променлива оваа линија на контрола, бидејќи линијата на фронтот се менува речиси секојдневно.

Откако ја презеде функцијата, Трамп со право се обидува да ја заврши војната. Сепак, се чини дека тој сè уште не разбира дека Путин, како агресор, сака победа, а не примирје. Со својот договор за дизел, со кој ги крши сопствените санкции, Трамп трагично му олеснува на Путин да ја продолжи оваа ужасна војна. Иако се лути поради договорот за дизел на Трамп, европските лидери се чини дека му остануваат посветени на дипломатскиот процес предводен од Кушнер и од Виткоф. Според европскиот дипломат, ова е моментот „да се смират страстите и да се почне со работа“.

ИЗДВОЕНИ