Премиерот Христијан Мицкоски ги повика опозициските партии да предложат свои претставници во тимот што ќе го води дијалогот со Софија. Мицкоски уверува дека ЕУ останува стратешка цел и дека Владата работи на деблокирање на евроинтегративниот процес. Како следен чекор го најави усогласувањето на Акцискиот план за малцинствата, за кој вели дека сè уште нема согласност од Бугарија. Останува да се види дали ќе резултира повикот со конкретен договор за учество на опозицијата во разговорите со источниот сосед
ЕУ останува стратешка цел, нема поместување ниту милиметар
Европската Унија останува стратешка цел на државата, а Владата е подготвена и опозицијата директно да ја вклучи во разговорите со Бугарија за деблокирање на евроинтегративниот процес. Премиерот Христијан Мицкоски, од собраниската говорница, ѝ порача на опозицијата да предложи свои претставници што би биле дел од тимот што ќе го води дијалогот со источниот сосед, уверувајќи дека ќе биде прифатен предлогот. Понудата доаѓа по повеќемесечните најави за потребата од поширок политички консензус за европскиот пат на земјава, но и по претходниот обид за воспоставување соработка меѓу власта и опозицијата, кој не резултираше со функционален модел на заедничко дејствување.
– Европската Унија останува наша стратешка цел и тука нема поместување ниту милиметар. Ние сакаме тој процес, како што сме кажале многупати во минатото, да го почнеме и да го завршиме, не само да го почнеме. Гледате како се менува постепено реториката во Парламентот, од седница на седница, од месец на месец, од година на година, кога и самите вие велевте дека ова е решение за членство, сега велите дека е решение за почеток на преговори, што е точно, ова е решение за почеток на преговори – истакна Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање на Арбана Пашоли од Европскиот фронт за стратегијата на Владата за деблокирање на евроинтегративниот процес и за отворањето на преговарачките поглавја.
Тој нагласи дека Владата води дијалог со Бугарија и понуди опозицијата да биде директно вклучена во процесот.
– Во овој дијалог што го водиме со Бугарија, апсолутно, еве вие, како здружена опозиција на неколку политички партии, предложете претставници да бидат дел од тимот што ќе го води тој дијалог со нашиот источен сосед. Ние апсолутно ќе го почитуваме тоа – нагласи премиерот.
Во одговорот тој оцени дека актуелната состојба е последица на политиките на претходната власт на СДСМ и ДУИ. Според Мицкоски, Владата во моментот работи на промена на перцепцијата кај европските партнери и на отворање простор за деблокирање на процесот.
– Тој процес е бавен, но се случува, и тоа е реалност – рече тој, додавајќи дека може да се видат промените и преку неодамнешните контакти меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Бугарија, како и средбите со еврокомесарката Марта Кос.
Премиерот најави дека следниот чекор ќе биде усогласување на Акцискиот план за малцинствата, документ што, како што посочи, е прифатен од 26 земји членки на Европската Унија, но не и од Бугарија.
– Зашто е важен овој Акциски план за малцинствата. Дури и утре да одлучите да го промените Уставот на начин на кој сте одлучиле, повторно нема да биде доволно тоа за да ги продолжиме преговорите, бидејќи треба да имаме усогласен Акциски план за малцинствата. Така што, ние најпрво ќе го усогласиме Акцискиот план за малцинствата – рече премиерот, повторувајќи дека и опозицијата е поканета да учествува во дијалогот.
Понудата за директно вклучување на опозицијата во дијалогот со Бугарија повторно го отвора прашањето за можноста за воспоставување заеднички политички пристап кон евроинтеграциите и едногласност кај македонските политички партии. Премиерот Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче и во април лани, на нивната билатерална средба постигнаа начелна согласност за формирање заеднички работни групи за реформската агенда, но најавениот механизам не профункционира. Тогаш не беше постигнат ниту договор за заеднички настап во однос на спорот со Бугарија, па останува да се види дали актуелната понуда до здружената опозиција ќе резултира со поконкретен модел на соработка.
Билатералната средба меѓу Филипче и Мицкоски беше по барање на опозицискиот лидер, а главната тема беше воспоставувањето нов модел на политичка соработка за прашањата од поширок јавен интерес. По средбата, Филипче соопшти дека начелно се договориле да формираат заеднички тела или работни групи за спроведување на реформската агенда, а како први области во кои би се работело беа посочени правосудството, енергетиката и одредени стратешки прашања и проекти во здравството.
Мицкоски, од своја страна, порача дека е потребно да се гради консензус за клучните прашања и дека државните интереси треба да бидат појдовна точка во разговорите. Средбата беше претставена како почеток на обид за соработка меѓу власта и опозицијата, но не беше постигнат договор за заеднички настап во однос на спорот со Бугарија.
Разликите околу евроинтеграциите останаа. Филипче и Мицкоски разговарале за уставните измени и за европскиот пат, но останале на различните позиции. Не беше објавен договор за заеднички настап во преговорите со Бугарија, ниту беше утврден механизам преку кој би учествувала опозицијата во креирањето на владината стратегија кон Софија.
Со години, прашањето за вклучување на опозицијата во процесот на евроинтеграцијата на Македонија беше еден од најголемите проблеми во односите меѓу партиите што во одреден мандат беа на власт и во опозиција. Досегашните искуства покажаа дека тој процес најчесто се водел без какво и да е суштинско учество на претставници на опозициските партии. На крајот, тоа доведуваше и до спорење на прифатените решенија, како што беше случајот со т.н. француски предлог.
Прашањето за поширок политички консензус за европските интеграции на Македонија се актуализираше во неколку наврати во изминатиот период, преку иницијативи за утврдување заеднички државни и национални позиции. Меѓу нив се резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ од 2021 година, предлог-резолуцијата на СДСМ од 2025 година, како и Националната платформа за македонско национално единство и дефинирање на македонските национални црвени линии, која ја промовираше движењето ЗНАМ во декември 2024 година, повикувајќи ги парламентарните партии да ја поддржат. (В. С. Н.)












