– Делото „Океан од тишина“ се надоврзува на чувството на тишина што не е природна, туку наметната тишина, која верувам дека произлегува од апатичност, но и од страв. Живееме во време кога сме постојано изложени на кризи и тоа создава еден вид колективна парализа. Делото не нуди одговори, туку постои како огледало пред гледачот. Верувам дека токму во таа интеракција, кога ќе се препознае или ќе се праша некој, започнува потенцијалот за промена – вели за весникот ВЕЧЕР ликовниот уметник Перо Кованцалиев, кој неодамна му го подари своето дело на Младинскиот културен центар

– Уметникот сам по себе не може директно да направи системски промени, но може да влијае врз начинот на кој размислуваат и чувствуваат луѓето. Уметноста не делува како конкретна акција, туку како тивок механизам што отвора прашања и создава свесност – вели за весникот ВЕЧЕР ликовниот уметник Перо Кованцалиев, кој неодамна му го подари своето дело „Океан од тишина“ на Младинскиот културен центар.

Станува збор за релјеф составен од акумулација на ушни школки, изработен од полиестер, со димензии 2 × 1 метар, кој сега го збогатува холот на оваа институција.

Делото „Океан од тишина“ укажува на акустичната пасивност и на колективната инертност на поединецот/колективот во време кога владее апатија во сите сфери на општественото живеење, кога светот секојдневно живее во страв од нова воена, финансиска, здравствена криза… Ушната школка овде повеќе не функционира како сетилен приемник на вистината, туку како статичен модул во структурата на општествената апатија. Подлогата, дефинирана преку вискозноста на полиестерот, асоцира на нафтен супстрат, при што оваа „битуменска“ површина симболизира енергетски поредок што наметнува тешка, леплива тишина врз граѓанскиот субјект.

– Делото се надоврзува на чувството на тишина што не е природна, туку наметната тишина, која верувам дека произлегува од апатичност, но и од страв. Живееме во време кога сме постојано изложени на кризи и тоа создава еден вид колективна парализа – вели уметникот.

Додава дека иако „Океан од тишина“ зборува за пасивноста и за апатијата, самото негово постоење е обид да се наруши таа состојба.

– Делото не нуди одговори, туку постои како огледало пред гледачот. Верувам дека токму во таа интеракција, кога ќе се препознае или ќе се праша некој, започнува потенцијалот за промена – посочува Кованцалиев.

Прашан дали можеме и кога ќе се разбудиме за да направиме промени што ќе овозможат благосостојба и подобар живот, тој вели дека одговорот не е едноставен.

– Верувам дека промените не доаѓаат одеднаш, туку постепено, преку индивидуалната свесност што се прелева во колективната. Секој мал чекор – секое преиспитување, реакција или став – е дел од тој процес. Не можеме веднаш да го промениме светот, но можеме да почнеме со сопствената позиција во него – истакнува уметникот.

За одлуката делото „Океан од тишина“ да му го подари на МКЦ, вели дека дошла многу природно.

– Тоа е простор со кој сум поврзан, место каде што сум се развивал и како посетител сум доживеал бројни културни искуства. Претставникот на Ликовниот оддел при Младинскиот културен центар, Горјан Ѓорѓиев, ми соопшти за својата иницијатива за збогатување на просторот со нови ликовни дела, ја препознав како можност повторно да оставам своја трага таму. Ова не е само гест на донација, туку и начин да се вградам во континуитетот на институцијата што има значајна улога во културниот живот – додава Кованцалиев.

Перо Кованцалиев е уметник чие творештво произлегува од стремежот за подобрување на културолошката, општествената и на социјалната средина преку ликовни интервенции и дела што инспирираат и поттикнуваат промени кон одржлив развој. Неговите дела промовираат пацифичен начин на комуникација и овозможуваат видливост на маргинализирани теми, потиснати од агресивните маркетинг-индустрии. Тој тематизира различни форми на насилна експлоатација, како и неодржливи традиционални практики. Работи во медиумите на експерименталниот цртеж, сликарството, фотографијата, видеото, ликовната инсталација, скулптурата и кинетиката.

Досега има реализирано повеќе самостојни и групни проекти во земјава и во странство. На 14 мај годинава, во Македонскиот културен центар во Софија, Бугарија, ќе се претстави со изложбата „Дамки“, која претставува континуитет на неговите претходни проекти „Капиталистичка авантура“ и „Политичка лиричност“.

– Изложбата „Дамки“, која ќе биде претставена во Македонскиот културен центар во Софија, претставува продолжение на моите претходни истражувања поврзани со потрошувачкото општество, хиперконзумеризмот и неговите последици. Станува збор за серија експериментални цртежи, кои ги развивам како своевидни „пештерски цртежи“ на современото време. Во нив се присутни траги од согорен текстилен материјал, кои не се само визуелен елемент туку и директен носител на значењето. Делата се носители и на повеќе прашања во однос на тоа какви траги оставаме, како се впишуваат нашите постапки, избори и навики во просторот и времето во кое живееме – додава уметникот. (Н. И. Т.)

ИЗДВОЕНИ