Сонце, планински предели, убава и разновидна храна, како и богати вина, ова се дел од клучните пофалби за Македонија што ги издвојува американскиот „Си-ен-ен Травел“ во својата анализа за европските туристички дестинации.

Во текстот се посочува дека земјата нуди автентично и разновидно искуство, со силно изразена природна и културна понуда. Акцентот се става на Охрид, планините и на локалната гастрономија како нејзини најголеми адути. „Си-ен-ен“ ја опишува Македонија како дестинација што заслужува многу поголемо меѓународно внимание.

 

 

Американскиот медиум „Си-ен-ен“ повторно го насочува вниманието кон Северна Македонија, вклучувајќи ја меѓу европските дестинации што, според него, неправедно остануваат во сенка на најпопуларните туристички центри. Во најновото издание на туристичкиот билтен на „Си-ен-ен Травел“, земјата е опишана како „драматично планинска дестинација“ сместена северно од Грција, со природни пејзажи што комбинираат зелени долини и врвови покриени со снег. Но, покрај природата, акцентот се става и на гастрономијата – разновидна, локално специфична и многу поврзана со традицијата.

Според анализата, додека најголемиот број туристи и натаму се концентрираат на класичните дестинации како Франција, Шпанија и Италија, Европа нуди многу повеќе – дури 44 земји признати од Обединетите нации. Меѓу нив, Македонија се издвојува како дестинација што нуди слично искуство, но без метеж, долги редици и високи цени. Во текстот се нагласува дека сончевата клима придонесува за квалитетот на локалните производи – зеленчукот е сочен и богат, додека вината од домашните лозја се препознатливи по својот интензивен вкус. Токму оваа комбинација на природни услови и традиција ја прави земјата атрактивна за љубителите на автентични искуства.

-Повеќето посетители на Европа ги фокусираат своите патувања на Франција, Шпанија и на Италија, но има импресивни 44 земји признати од ОН, на континентот, што вреди да се истражат. На пример, Северна Македонија, драматично планинска дестинација директно северно од Грција, заслужува поголемо туристичко внимание. Тука е нејзиниот пејзаж од бујни зелени падини и врвови покриени со снег, како и нејзината вкусна, разновидна кујна, при што изборот на јадења на трпезата се менува од еден регион до друг. Таа е благословена и со сончева клима, што помага зеленчукот да биде крупен и сочен, а вината од нејзините лозја – богати и изобилни – стои во написот на „Си-ен-ен Травел“.

Особено внимание им е посветено на Охридското Езеро и на црквата „Свети Јован Канео“, кои се прикажани како еден од највпечатливите симболи на регионот. Фотографијата од оваа локација е поставена на врвот од објавата, што дополнително го потенцира значењето на Македонија како туристичка приказна што вреди да се раскаже.

Покрај Охрид, се издвојуваат и други атракции – од Старата скопска чаршија до кањонот Матка, како и винските региони и националните паркови, кои нудат разновидни искуства на мала географска површина.

Анализата на „Си-ен-ен“ доаѓа во време кога се менуваат туристичките и животните навики на странците, особено на Американците, кои сè повеќе бараат алтернативни европски дестинации. Во таа група се вбројува и Северна Македонија, како место што нуди поспокоен начин на живот, природна убавина и културна длабочина, далеку од масовниот туризам.

Со ваквите препораки, земјата полека, но сигурно го зацврстува своето место на туристичката мапа на Европа.

Во последниот период, туристичкиот сектор во Северна Македонија бележи стабилен раст на интересот, особено од странски посетители, кои сè почесто ја избираат земјава како алтернатива на пренатрупаните европски дестинации. Податоците на домашните институции за туризам укажуваат на зголемување на бројот на странски туристи и ноќевања, со најголем интерес за Охридско-струшкиот Регион, Скопје и планинските центри.

Сè поголемата присутност на земјава во меѓународните медиуми, како и препораките од глобалните имиња како Си-ен-ен, дополнително придонесува за нејзината подобра препознатливост на туристичката мапа. Експертите очекуваат да продолжи овој тренд, особено во делот на автентичниот, културниот и „slow travel“ туризам, каде што Македонија нуди комбинација од природа, историја и гастрономија на компактна територија.

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2025 година земјава забележала пораст од околу 6 % на вкупниот број туристи во однос на претходната година, при што растот кај странските посетители изнесува над 10 %. Дополнително, и на почетокот од 2026 година продолжува позитивниот тренд, со над 52.000 туристи регистрирани само во јануари 2026, што е стабилен старт на годината и сигнал за континуиран раст на туристичкиот сектор. (В. С. Н.)   

 

 

ИЗДВОЕНИ