Работата на отворено во услови на температура што се искачува до 40 степени претставува сериозен ризик за здравјето бидејќи топлотниот стрес може да предизвика топлотна исцрпеност, топлотен удар, дехидратација и зголемен ризик од повреди при работа. Синдикатите бараат работодавачите да ја прекинат работата на отворено од 11 до 17 часот, да обезбедат доволно вода, паузи, засенчени места за одмор и заштита за најранливите категории работници. Воедно, тие инсистираат Државниот инспекторат за труд да спроведе засилени теренски контроли и да провери дали работодавачите ги почитуваат законските обврски за безбедност и здравје при работа. Европските препораки, пак, налагаат приспособување на работното време и доследна примена на превентивните мерки сè додека трае топлотниот бран

Горештините стегнаа, иако летото, календарски почна пред една недела, а најавите од Управата за хидрометеоролошки работи се дека температурата утре и во среда ќе се искачи до 39 Целзиусови степени. Во услови кога сонцето пржи, низ скопските градилишта можат да се видат градежни работници качени на објекти како работат.
Во услови на екстремно висока температура, работата на отворено претставува сериозен ризик по здравјето на работниците. Според европскиот водич „Работа во услови на зголемена топлина – упатства за работните места“, топлотниот стрес може да предизвика топлотна исцрпеност, топлотен удар, дехидратација, вртоглавици, губење на концентрацијата, замор и зголемен ризик од повреди при работа.
– Долготрајната изложеност на висока температура го намалува и работниот капацитет, а особено се изложени градежните работници, земјоделците, комуналните работници и сите кои работат под директно сонце – се наведува во водичот.
Човечкото тело нормално одржува температура од околу 37 степени, но при висока надворешна температура и физички напор, механизмите за ладење на организмот можат да откажат.
– Во такви случаи може да дојде до топлотен удар – состојба која бара итна медицинска интервенција, но и до топлотна исцрпеност, која доколку не се препознае навреме, може да прерасне во животозагрозувачка состојба – се посочува во водичот.
Европските препораки се работодавачите навреме да направат процена на ризикот, да го приспособат работното време, да обезбедат доволно паузи, засенчени места за одмор, постојана достапност на ладна вода и редовна хидратација на работниците. Се препорачува работниците да пијат вода на секои 15 до 20 минути, дури и кога не чувствуваат жед, како и да се избегнува најголемиот физички напор во најтоплиот дел од денот.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија апелираат работодавачите доследно да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа.
– Бараме од работодавачите да ги почитуваат мерките за безбедност и здравје при работа, да го намалат или целосно да го прекинат работењето на отворено во најтоплите делови од денот и да ги обезбедат сите средства за заштита на животот и здравјето на работниците. Значењето на животот и здравјето на работниците во услови на екстремно високи температури е од исклучителна важност и сите заедно треба да придонесеме за нивна заштита – порачуваат од ССМ.
Од ССМ ги повикуваат работниците да ги почитуваат мерките за заштита, а доколку не им се обезбедени услови за безбедна работа, тоа да го пријават кај синдикалниот претставник, претставникот за безбедност и здравје при работа или до Државниот инспекторат за труд.
Претседателот на Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање, Иван Пешевски, бара во деновите со температура до 40 степени да не се изведуваат работи на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
– Според временската прогноза, се очекува топлотен бран со температура до 40 степени. Поради тоа препорачуваме работниците да не бидат изложени на директно сонце во периодот од 11 до 17 часот. Неопходно е да се обезбеди доволно количество вода, а повозрасните работници, бремените жени и хронично болните да бидат ослободени од работните обврски. Работодавачите треба да обезбедат и соодветна вентилација и климатизација таму каде што тоа е возможно – вели Пешевски.
Од СГИП потсетуваат дека препораките треба да важат сѐ додека траат високите температури или додека надлежните институции не донесат поинакви официјални насоки. Тие апелираат за координирано дејствување на институциите и работодавачите, бидејќи безбедноста и здравјето при работа се законско право на секој работник.
– Државниот инспекторат за труд во деновите на топлотен бран не смее состојбата да ја следи од канцеларија, туку треба континуирано да биде на терен и да врши засилени контроли за тоа дали работодавачите ги спроведуваат обврските предвидени со Законот за безбедност и здравје при работа и дали навистина се преземаат мерки за заштита на работниците изложени на екстремно висока температура – дециден е Пешевски.
(С. Бл.)











